Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 3 и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на Урбанистичкиот проект ГП “Иллинден” Скопје Север број 1668/95, потврден од Градскиот комитет за урбанизам, комунално-станбени работи, сообраќај и заштита на животната околина – Скопје.
2. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.208/97 од 28 јануари 1998 година, поведе постапка за оценување законитоста на Урбанистичкиот проект ГП “Илинден” Скопје – Скопје бр.1668/95, потврден од Градскиот комитет за урбанизам, комунално – станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина. Постапката беше поведена затоа што Судот утврди дека по својата суштина оспорениот урбанистички проект преставува графички приказ за определена локација доделена за градба на објекти на Претпријатието “Илинден” – Скопје со назначување на сите содржини што ги содржи урбанистички проект, и со оглед на тоа што е донесен, односно потврден од ненадлежен орган и не во постапка утврдена со Законот за донесување на детален план, односно на урбанистички проект, се постави прашањето за неговата законитост.
3. На седницата, од приложената документација Судот утврди дека Урбанистичкиот проект предмет на оспорување е потврден од Градскиот комитет за урбанизам, комунално – станбени работи, сообраќај и заштита на животната околина согласно Одлуката за утврдување на поблиските услови за градба на објекти за подрачјето на град Скопје, донесена од Собранието на Град Скопје на 4 јуни 1993 година, односно за време на нејзиното важење, применувајки го член 15 од оваа одлука, според кој, “во деталните урбанистички планови, каде во јавни, општествени и стопански објекти нема одредена граница на дворните места (урбанистички парцели) или утврдените парцели не обезбедуваат реални услови за реализација, истите можат да се утврдуваат според теренските и урбанистичко – архитектонските услови, односно според катастарските парцели”. Ова заради тоа што со Основниот урбанистички план од 1965 година и измената и дополнувањето од 1985 година, предметната локација спаѓала во зона наменета за лесна индустрија и сервиси и согласно таа намена во 1987 година за целата зона бил донесен Детален урбанистички план. Според Деталниот план локацијата на ГП “Илинден” – Скопје била потврдена за изградба на механички погон, односно всушност бил потврден постојниот механички погон кој на овој простор егзистирал уште од 1969 година. Со оглед на тоа што со овој план не биле почитувани границите на катастарските парцели, ниту било водено сметка за постојните изградени објекти, во 1994 година било извршена измена и дополнување на Планот, односно усогласување на урбанистичките со катастарските парцели со третирање на постојните изградени објекти, со цел Планот да биде изводлив за реализација. При оваа измена и дополнување на Планот била испуштена од разработка локацијата на ГП “Илинден”, поради што за локацијата дополнително од Републичкиот завод за урбанизам бил изготвен оспорениот урбанистички проект, по нарачка на ГП “Илинден”, кој согласно член 15 од означената одлука бил потврден од Градскиот комитет за урбанизам, комунално-станбени работи, сообраќај и заштита на животната околина. Оваа одлука, односно нејзиниот член 15 биле применети бидејки во урбанистичкиот проект доследно се почитувани утврдените параметри од оваа одредба, односно со Урбанистичкиот проект е усогласена урбанистичката со катастарската парцела, биле третирани постојните изградени објекти, почитувана била намената на просторот, без да се навлегувало во имотно правните прашања со други катастарски парцели.
4. Во член 46 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), до усогласувањето на плановите од член 46 на овој закон (просторните и урбанистичките планови), собранието на општината може со општ акт да ги утврди поблиските услови за градба, особено во поглед на доградбата и надградбата, максимални димензии на габаритот на дел од објектот и други подетални услови за градба.
Во оваа смисла Собранието на Град Скопје во член 15 од Одлуката за утврдување на поблиските услови за градба на објекти за подрачјето на град Скопје, меѓу другото, утврдила дека во деталните урбанистички планови, каде во јавни, општествени и стопански објекти нема одредена граница на дворните места (урбанистички парцели) или утврдените парцели не обезбедуваат реални услови за реализација, истите можат да се утврдуваат според теренските и урбанистичко-архитектонски услови, односно според катастарските парцели. Оттука произлегува дека отстапувањата со Урбанистичкиот проект ГП “Илинден” – Скопје од Деталниот урбанистички план “Лесна индустрија Скопје Север”, со цел да се усогласаат катастарските со урбанистичките парцели, се направени врз основа на оваа одлука, што значи дека урбанистичкиот проект претставува проект за реализација на означениот детален план за определена локација, а не општ акт на Собранието на Град Скопје со кој се врши измена или дополнување на урбанистичкиот план.
Со оглед на тоа што оспорениот урбанистички проект ГП “Илинден” – Скопје не претставува општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за чија уставност и законитост одлучува уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.208/97)