137/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за царините и Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешно трговско работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97).

2. Арбен Гоља од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законите означени во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека со оспорените акти се интервенирало во областа на пазарот т.е. слободата на пазарот и претприемништвото која била развиена и практикувана на граничните премини на Република Македонија и регулирана со закони и со прописи донесени врз основа на закони. Со изменувањето и дополнувањето на Законот за царините т.н. Дутѕ – фрее пазар бил дозволен само на двата аеродроми во Македонија кои биле отворени за меѓународен сообраќај, со што од вкупно 23 претпријатија кои се занимавале со дејноста продажба на стоки во слободни царински продавници само на едно (јавно претпријатие за аеродромски услуги) му било дозволено и понатаму да работи, а на останатите 22 претпријатија им се ограничувал пазарот. Со ова ограничување биле засегнати и стотина други претпријатија како на пример консигнатори, шпедитерски претпријатија, осигурителни организации, банки, автопревозници и претпријатија за други неопходни услуги. Со изменувањето и дополнувањето на Законот за надворешно трговско работење било ставено крај на консигнационата продажба на производи од тутун, алкохолни пијалоци и кафе односно на оние стоки кои биле најбарани и најпродавани на овој пазар. Двата оспорени закони биле спротивни на членот 55 од Уставот бидејки не биле донесени заради заштита на вредностите од ставот 3 на овој член според кој слободата на пазарот и претприемништвото можеле да се ограничат единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Напротив и двата закони биле донесени заради сузбивање на појавата на сивата економија во државата односно спречување на зголемениот ризик на увозното криумчарење што не претставувале причини поради кои со закон требало да се ограничи пазарот и претприемништвото. Со оспорените закони се повредувала и одредбата од членот 59 став 2 од Уставот бидејки повеќе странски фирми (Пхилип Моррис, Ротхманс и др.) имале основано свои претпријатија во Македонија со цел своите производи да ги пласираат преку македонските консигнации и слободни царински продавници. Со ограничувањето на слободата на пазарот, воедно биле ограничени и нивните права по основ на вложениот капитал. И на крајот, слободата на пазарот и претприемништвото која изразена во бројки изнесувала 150 милиони ДЕМ годишно со оспорените закони била ограничена на 2 милиони ДЕМ под услов аеродромските слободни царински продавници да имаат од каде да се снабдуваат со најбараните стоки – цигари, алкохолни пијалоци и кафе. Инаку на сите гранични премини и понатаму слободно работеле Дутѕ – фрее продавниците на српските, грчките, бугарските и албанските претприемачи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 35 став 1 од Законот за надворешно – трговско работење, претпријатието може со странски лица да склучува договор за застапување на странски лица во Македонија, договор за продажба на странска стока од консигнационен склад, освен на преработки од тутун, алкохолни пијалоци и кафе и давање услуги за одржување на увезена опрема и трајни добра за лична потрошувачка.

Според член 36 став 1 од истиот закон, Владата на Република Македонија може да ги пропише видовите на услуги и начинот под кои странски лица можат да вршат услужни дејности во Република Македонија, а може да го ограничи вршењето на определени услуги заради безбедноста на Република Македонија, заштитата на животот и здравјето на луѓето и човековата средина, како и заради развој на одделни домашни услужни капацитети. Одделни услужни дејности можат да се вршат под услови на реципроцитет.

Според член 206 став 1 од Законот за царините, на воздухополовни пристаништа отворени за меѓународен сообраќај на кои е организирана пасошка и царинска конрола, може да се отворат слободни царински продавници во кои ќе се врши продажба на стоки. Според ставот 6 на истиот член вршењето на дејност, продажба на стоки во слободната царинска продавница може да се даде на концесија на домашно правно или физичко лице (концесионер), бројот на концесионерите за воздухопловно пристаниште ќе го определува Владата на Република Македонија, за период од пет години. Според ставот 7 на овој член, еден концесионер може да врши дејност продажба на стока само во една слободна царинска продавница на територијата на Република Македонија.

Според членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за царините, вршењето на дејноста продажба на стоки без плаќање царина и други увозни давачки на граничните патни премини престанува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно член 59 став 2 од Уставот, правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис.

Судот на седницата, како и на подготвителната седница оцени дека режимот на работењето на консигнациите и на слободните царински продавници, заради природата на работата подлежи на строга државна контрола и е регулиран со повеќе закони и други акти донесени врз основа на закон. Согласно законските одредби, слободните царински продавници имаат статус на државни концесии, а продажбата во нив е одредена како дејност од јавен интерес. Држателите – концесионери на овие продавници можат да бидат физички или правни лица кои по добивањето дозвола односно по давањето на концесијата од страна на Владата на Република Македонија со неа склучуваат договор со кој се определуваат условите и начинот на работата во овие продавници. Стоките пак што се продаваат во слободните царински продавници не можат да имаат еднаков третман со стоките што се продаваат во другите продавници на македонскиот пазар. Имено, државата со закон ги определува видовите и количините на стоки кои ќе се продаваат во слободните царински продавници и ги ослободува цените на овие стоки од царински и даночни давачки. Определувањето на видовите и количините на стоките па и на бројот на слободните царински продавници е во функција на заштита на домашното производство и спречување на увозно криумчарење на акцизни производи. Уште повеќе што со измените на Законот за царините досегашните слободни царински продавници на граничните патни премини се ограничуваат во вршењето дејност продажба на стоки без плаќање царина и други увозни давачки, а не и воопшто во вршењето на дејноста продажба на стоки и нивниот статус само се изедначи во поглед на вршењето на дејноста со трговските друштва кои истата дејност ја вршат на внатрешниот пазар во Република Македонија. Ова значи, дека во објектите на слободните царински продавници кои се наоѓаат на граничните патни премини (простор определен за вршење на контрола на преминување на државната граница) за кои според постојната законска регулатива изречно нема никакво ограничување, односно забрана кои дејности не можат да се вршат на подрачјето на граничен премин, досегашните држатели и сопственици ќе можат да продолжат да ја вршат продажбата на стоките кои ги продавале пред затворањето на слободните царински продавници на граничните патни премини, со тоа што сега тие стоки ќе подлежат на плаќањето на царина и други увозни и даночни давачки, односно ќе можат да вршат продажба на стоки како во продавниците во внатрешноста на Република Македонија согласно пропишаните услови и начин за нивна продажба.

Исто така со изземањето од консигнационата продажба на тутунот, кафето, алкохолот, трговските друштва кои вршат увоз и дистрибуција на овој вид акцизни стоки не се ограничени во вршењето на својата дејност ниту пак им е ограничен пазарот и слободата на претприемништвото.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со измените на оспорените закони не се доведува во прашање слободата на пазарот и претприемништвото ниту пак принципот на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот бидејки се однесуваат на сите субјекти со еднаков правен статус на пазарот. Исто така со оспорените закони не се ограничуваат правата на странските вложувачи бидејки нема посебно ограничување што се однесува за странците. Според Судот, право е на државата со закон да ја определи потребата од отворање на слободни царински продавници како и да го определи видот и количината на стоките што ќе се продаваат во овие продавници, а чии цени ќе бидат ослободени од царински и даночни давачки.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.137/97)