11/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот, член 28 алинеја 3 и член 71 став 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/82, 77/82, 75/85, 8/87, 65/87, 78/89, 44/90 и 89/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.10/92) и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на СРМ” бр.18/83, 4/87, 4/89, 19/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.36/91 и 23/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојан Јанковски од село Уланци-Градско, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на двата закона врз основа на кои му е определена висината на пензија. Незадоволен од неговиот статус на пензионер поради висината на пензијата (2550,00 дин.), со иницијтивата бара Уставниот суд на Република Македонија да ја разреши неговата тешка социјална положба. При тоа во иницијативата наведува дека согласно членот 9 од Уставот сите граѓани во Република Македонија биле еднакви пред закон, а во неговиот случај лицата пензинирани после него и кои не биле учесници во НОБ имале повисоки пензии. Понатаму, подносителот на иницијативата се повикува на член 34 од Уставот, според кој на граѓаните им се гарантира социјална сигурност, а пензијата во износ од 2550,00 динари, ниту за него, ниту за неговото семејство му го остварува ова уставно начело. Исто така, во иницијативата се повикува и на член 35 од Уставот, според кој Републиката се грижела за социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност, а ова начело не можело да се оствари со неговата минимална пензија.

Со членот 36 од Уставот биле гарантирани посебни права за борците од НОБ, но во неговиот случај овие права не му биле признати, а согласно членот 54, исто од Уставот, слободите и правата можеле да му се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од Судот бара да се спроведело Решението на Основната заедница Титов Велес на Самоуправната интересна заедница за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија бр.1725 од 3 април 1989 година и тоа според законот на основа кој е донесено.

И на крајот подносителот на иницијативата бара да се стави во еднаква положба со лицата кои се пензионирани по 1989 година со повисоки пензии.

3. На седницата Судот утврди дека на подносителот на иницијативата со решение на Самоуправната интересна заедница на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Основна заедница Титов Велес МП.бр.1725 од 3 април 1989 година минималната старосна пензија како учесник во НОВ во износ од 8000 динари му е зголемена за 30% и изнесува 10.400 динари сметано од 1 јануари 1989 година. Овој износ, аконтативно, од 1 јануари 1989 година се згоелмува за 60% и изнесува 16.640 динари.

Исто така, Судот утврди дека правата од пензиското осигурување во времето на донесувањето на означеното решение се утврдува врз основа на тогаш важечките закони, односно Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а усогласувањето на пензиите се вршеше согласно одлуките за аконтативно усогласување на пензиите, доколку се исполнети законските услови за усогласување.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во членот 120 од Законот за пензиското иинвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) е предвидено дека со денот на почетокот на примената на овој закон, меѓу другото, престанува да важи Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ” бр. 23/82, 77/82, 75/85, 8/87, 65/87, 78/89, 44/90 и 89/90) и (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/92), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применуваше како републички пропис, и Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на СРМ” бр.18/83, 4/87, 4/89, 18/89, 19/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.36/91 и 12/93).

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, на законите кој се во правниот поредок на Републиката, а не и на законите кои престанале да важат.

Со оглед на тоа што оспорените закони престанале да важат, односно не се во правниот поредок на Републиката, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за постпување по иницијативата, поради што, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Во поглед на другите прашања што се покренуваат во иницијативата (разрешување на социјалните проблеми на подносителот, спроведување на решението со кое е определена висината на старосната пензија), Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.11/98)