Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 март 1998 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 46 став 4 од Деловникот на Советот на општина Велес, донесен од Советот на општината на 18 март 1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Владата на Република Македонија, поведе постапка за оценување законитоста на член 46 став 4 од Деловникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со законот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 46 став 1 од Деловникот е предвидено дека раководните органи на јавните служби, установи и претпријатија што ги основа Советот, ги именува и разрешува Советот на општината.
Во ставот 2 на овој член е предвидено дека предлогот за именување и разрешување на раководните органи од став 1 го поднесува градоначалникот на општината.
Во став 3, пак, е предвидено дека ако на предлогот на градоначалникот Советот не именува односно не разреши раководен орган на јавните служби, установи и претпријатија, тогаш Советот донесува заклучок со кој му утврдува рок од 30 дена да поднесе предлог.
Во оспорениот став 4 на овој член е предвидено дека ако во утврдениот рок со заклучокот градоначалникот не поднесе нов предлог или ако на новиот предлог не биде именуван односно разрешен раководниот орган, член на советот има право да поднесе предлог за именување односно разрешување на раководниот орган.
5. Според член 29 став 1 точка 7 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95) Советот на единиците на локалната самоуправа, покрај другото, на предлог на градоначалникот именува и разрешува раководни органи на јавните служби, установите и претпријатијата што ги основа совет на единицата на локалната самоуправа.
Од наведените законски одредби недвосмислено произлегува дека единствено градоначалникот дава предлог на советот на единицата на локалната самоуправа за избор и разрешување на раководни органи и дека предлог не може да даде член на совет.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај во оспорениот член од Деловникот е предвидено дека предлог за именување или разрешување на раководен орган до советот може да поднесе член на советот ако во определениот рок по заклучок на советот градоначалникот не поднесе предлог, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со Законот за локалната самоуправа.
6. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.191/97)