У.бр.231/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата од 4 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за менување на границата меѓу катастарските општини Кочани и Оризари, донесена од Владата на Република Македонија на 3 ноември 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/97).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Општината Оризари, претставувана од градоначалникот Ванчо Стаменков, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не била донесена во законски предвидената постапка, што било несогласно со Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се менува досегашната граница меѓу катастарските општини Кочани и Оризари според Записникот за омеѓување на катастарските општини на градот Кочани и село Оризари, составен од Комисијата за разграничување и обележување на граничната линија на КО Кочани и КО Оризари од 15 март 1996 година при вршење на премерот и изготвување на катастар на недвижностите на КО Кочани КО Оризари.

Исто така, Судот утврди дека составен дел на оваа одлука е Записникот за омеѓување на катастарските општини Кочани и Оризари на Комисијата за разграничување и одбележување на граничната линија на КО Кочани и КО Оризари, кој не се објавува, а се наоѓа во Републичката геодетска управа и дека одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според член 28 став 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на СРМ” бр.27/86) пред измените извршени во 1991 година, собранието на општината можело да врши менување на границите на катастарските општини, а ако за тоа постојат причини, можело да формира и една катастарска општина за подрачјето на две или повеќе населени места.

Меѓутоа, овој закон е изменет и дополнет со Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на СРМ” бр.17/91) кој во членот 26 давајќи дефиниција на катастарската општина предвидува дека истата опфаќа, по правило, подрачје на едно населено место и дека Републичката геодетска управа може, ако за тоа постојат причини, да формира една катастарска општина за подрачјето на две или повеќе населени места или за дел од населено место.

Согласно член 27 од овој закон границата на катастарската општина ја обновува и обележува посебна комисија што ја образува Републичката геодетска управа. Обновувањето и обележувањето на границите се врши со поставување на гранични белези и знаци на земјиштето, со опишувањето на границите во записник за омеѓување и со изработка на скица за омеѓување.

Начинот на обновувањето и одбележувањето на границите на катастарските општини му е препуштен да го уреди директорот на Републичката геодетска управа.

Членот 28, пак, од Законот зборува не за обновување и одбележување на границите на катастарската општина што е ставено во надлежност на Републичката геодетска управа, туку дека менувањето на границите на катастарските општини за кои е извршен премер и изработен катастар на недвижностите да може да го врши Владата на Република Македонија.

Од изнесеното произлегува дека, собранието (советот) го изгуби своето овластување да врши обновување и обележување на границата на катастарската општина, а со тоа едновремено го изгуби и правото да формира комисии за таа цел и дека сите тие овластувања, со новиот закон поминаа во надлежност на Републичката геодетска управа.

Исто така, менувањето на границите на катастарските општини кои беа во надлежност на собранието (советот) на општината, поминаа во надлежност на Владата на Република Македонија.

Од изнесеното, исто така, произлегува дека Владата на Република Македонија, во спроведувањето на оваа постапка, претходно проверува дали Републичката геодетска управа извршила обележување на катастарските општини, а потоа пристапува кон менувањето на нивните граници.

Ова дотолку повеќе, што како што се гледа и од содржината на оспорената одлука, таа предвидува менување на досегашната граница меѓу катастарските општини Кочани и Оризари да се изврши според Записникот за омеѓување на овие катастарски општини, составен од Комисијата за разграничување и одбележување на граничната линија на овие општини од 15 март 1996 година при вршење на премер и изготвување на катастар на недвижностите за КО Кочани и КО Оризари, што го потврдува и фактот дека оспорената одлука во точката 3 предвидува нејзин составен дел да биде Записникот за омеѓување на катастарските општини Кочани и Оризари на Комисијата за разграничување и одбележување на граничната линија КО Кочани и КО Оризари, кој не се објавува, а се наоѓа во Републичката геодетска управа.

Од напред изнесеното произлегува дека Владата на Република Македонија, при донесувањето на оспорената одлука, доследно се придржувала до Законот за премер, катастар и запишување права на недвижностите, а посебно на одредбите од членовите 27 и 28 од овој закон, поради што, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината законитост од овој аспект, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.231/97)