У.бр.232/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 9 од Правилникот за архитектонски проекти на кои главниот архитект на градот дава согласност, бр.08-335/5 донесен од Советот на општина Пробиштип на 3 октомври 1997 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 8 од актот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Пробиштип, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членовите 8 и 9 од Правилникот за архитектонски проекти на кои главниот архитект на градот дава согласност, бидејќи со нив било предвидено главниот архитект на градот да дава согласност на архитектонските и урбанистичките проекти, а не стручно мислење како што било предвидено во членот 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, поради што истите не биле во согласност со законот.

4. На седницата Судот утврди дека Правилникот за архитектонски проекти на кои главниот архитект на градот дава согласност е донесен од Советот на општина Пробиштип врз основа на член 52 став 1 точки 5 и 6 од Законот за локалната самоуправа.

Во членот 1 од Правилникот е утврдено дека со овој Правилник се утврдуваат архитектонските проекти на објектите што се од големо значење за градот Пробиштип, архитектонските проекти со кои се заштитуваат архитектонските вредности на одделни градски квартови и објекти, како и проекти за партерно уредување на позначајни објекти или квартови на градот за кои главниот архитект на градот дава согласност. Оваа согласност се однесува на архитектонското согледување на објектите и партерно уредување. Понатаму во Правилникот се определени објектите кои се од големо значење за градот и објектите кои се од архитектонска вредност за градот.

Според членот 8 од Правилникот на одделни градски четврти и објекти каде се врши ревитализација и реконструкција, главниот архитект на градот на изготвените архитектонски (идејни) проекти дава согласност, а според членот 9 од истиот Правилник, главниот архитект на градот дава согласност и на проектите од член 54-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Согласно член 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, главниот архитект на градот дава стручно мислење на деталните урбанистички планови и урбанистичките и архитектонско-урбанистичките проекти. Според точката 5 на истиот член од Законот, главниот архитект на градот дава согласност на архитектонските проекти што се од големо значење за градот, а значењето се утврдува по правилникот за таков вид на објекти изготвени и усвоени во единицата на локалната самоуправа. Според точката 6 на истиот член од Законот главниот архитект на градот дава согласност на проектите за партерно уредување на позначајни објекти или квартови во градот.

Според член 54-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање, до усогласување на постојните детални урбанистички планови со одредбите на овој закон, за објектите предвидени со плановите, може да се издаде решение за услови за градба во поглед на: определување на површината која се зафаќа со објектот; определување на градежни линии, максимална висина на објектот и другите поблиски услови за градба, врз основа на претходно изготвен урбанистички проект со кој изградбата се усогласува со соседните постојни објекти на одделна улица или комплекс, во согласност со генералниот урбанистички план.

Во конкретниот случај, со оспорениот член 8 од Правилникот, на одделни градски четврти и објекти каде се врши ревитализација и реконструкција, главниот архитект на градот на изготвените архитектонски (идејни) проекти дава согласност, што според мислењето на Судот е во согласност со членот 52 став 1 точки 5 и 6 каде што е определено во кои случаи главниот архитект на градот дава согласност на архитектонските проекти.

Меѓутоа, во оспорениот член 9 од Правилникот е предвидено дека главниот архитект на градот дава согласност и на проектите од член 54-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање што практично значи дека главниот архитект на градот дава согласност на изготвен урбанистички проект со кој изградбата се усогласува со соседните постојни објекти на одделна улица или комплекс. Имајќи предвид дека согласно член 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, главниот архитект на градот дава стручно мислење на урбанистичките проекти а не дава согласност, Судот смета дека основано се поставува прашањето за согласноста на оспорениот член 9 од Правилникот со член 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.232/97)