Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 февруари 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар бр.08-237/1 донесена од Собранието на Општина Гостивар на 14 јуни 1994 година, во делот на КП.бр.310/1 и 308/1.
2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.185/97 од 17 декември 1997 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
Воедно, Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.
5. Во претходната постапка Судот утврди дека за донесување на Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на градот Гостивар била одржана јавна рсправа која траела 15 дена од 27 декември 1993 година до 12 јануари 1994 година на која граѓаните дале свои писмени забелешки. Притоа, во нацрт-планот кој бил изложен на јавна расправа на КП.бр.310/1 и 308/1 биле предвидени само објекти П+3. Во предлог-планот пак, на истите парцели се предвидуваат уште два објекта – лепенки со катност Приземје. Овие лепенки на оспорените парцели не се произлезени од барање на граѓаните затоа што во време на донесување на планот просторот на кој се предвидени објектите бил во сопственост на Република Македонија, а во 1995 година е доделен на трајно користење на Пиро Асан и Халим од Гостивар.
Понатаму, Судот утврди дека оспорените два објекта биле вцртани од страна на собраниската комисија која работела по забелешките на граѓаните. Имено, на јавната расправа по нацрт планот по барање бр.08-1128/93 од Мемети Абдулфет сопственик на КП.бр.298 чие барање било удоволено собраниската комисија на објектот КП.бр.298 вцртала доградба со катност Приземје од источната страна на објектот. Притоа, заради естетски изглед истата комисија уште на четири објекти во низа предвидени со планот додала доградба лепенка со катност Приземје кој се протегал на целиот потег на улицата “Браќа Гиноски” помеѓу улиците “Белградска” и “Шуматоска”.
Значи со едно барање кое е поднесено од граѓанинот Мемети Абдулфет на неговиот објект да биде додадена доградба со катност Приземје и кое барање било удоволено, собраниската комисија без барање од другите сопственици ги додала објектите – лепенки без да биде одржана јавна расправа за нив и без барање на граѓаните на јавната расправа.
6. Во член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) кој важеше во време на донесување на урбанистичкиот план, се определува урбанистичкиот план да се изработува во две фази: нацрт на план и предлог на план (став 1), при што нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа (став 2), после што граѓаните доставуваат забелешки во писмена форма (став 4), па потоа врз основа на забелешките што ќе се прифатат се подготвува предлог на план (став 6). Понатаму, во член 33 од Законот, се предвидува предлог-урбанистичкиот план да се доставува на собранието на општината, заедно со извештајот од јавната расправа и образложението на забелешките кои не се прифатени, а според член 34 став 2 од Законот, урбанистичкиот план за подрачјето на општината го донесува собранието на општината.
Од изнесените законски одредби произлегува обврска за доносителот, нацрт-урбанистичкиот план да го стави на јавна расправа пред граѓаните, а граѓаните имаат право да дадат забелешки на предвидените решенија.
Според член 17 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Јавната анкета според член 18 од Законот, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За јавната анекта надлежното министерство изработува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот.
Според член 20 од овој закон измените и дополнувањата на плановите од член 7 од овој закон се вршат во иста постапка пропишани за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба и законот, одредбите од поранешниот и сегашниот закон, Судот оцени дека секоја измена на деталниот урбанистички план што се однесува на урбанистичките парцели, намена, катност, регулациони и градежни линии, габаритот на објектот, кои елементи треба да ги содржи секој детален урбанистички план, претставува измена и дополнување на урбанистичкиот план, за чие донесување е неопходно спроведување целокупна постапка како и за донесување на урбанистичкиот план.
Со оглед на тоа што на КП.бр.310/1 и 308/1 се предвидени објекти лепенка без да се спроведе законски пропишана постапка, Судот, оцени дека одлуката во означените делови не е во согласност со означените одредби од Законот.
7. Со оглед на тоа што Судот го укина актот означен во точката 1 од оваа одлука се укинува и привремената мерка за забрана на извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на таа одлука.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.185/97)