Вовед
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 121 став 2 од Статутот на општината Виница (“Службен гласник на општина Виница” бр. 2/96).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Советот на Месната заедница Виница со решение У.бр.218/97 од 24 декември 1997 година поведе постапка за оценување законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од оваа одлука поради тоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 82 од Законот за локалната самоуправа.
4. Судот на седницата утврди дека според член 121 став 2 од Статутот на Општина Виница контрола над финансиското работење на облиците на месната самоуправа врши одборот за финансии и буџет на Советот на општината.
5. Во член 82 од Законот за локалната самоуправа “Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) е предвидено дека работите од член 81 на овој закон се финансираат од: средствата кои што единицата на локалната самоуправа ќе им ги отстапи на месните заедници и другите облици на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој, средства што граѓаните непосредно ги здружуваат, средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица, средства од надоместок за услуги и подароци и други средства.
Тргнувајќи од наведената одредба со која се регулира прашањето за финансирање на работата на месната самоуправа, единицата на локалната самоуправа може да врши финансиска контрола на работата на месната самоуправа, меѓутоа таа контрола треба да се сведе само на оние средства и за оние средства кои се обезбедени од единицата на локалната самоуправа, а не и за другите средства кои месната самоуправа ги обезбедила на друг начин.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај со оспорената одредба се овозможува финансиска контрола од страна на единицата на локалната самоуправа над сето финансиско работење на месната самоуправа, а не само контрола за оние средства што и се отстапени од единицата на локалната самоуправа Судот оцени дека на тој начин се задира во самостојноста на месната самоуправа, поради што оспорениот член од Статутот на Општина Виница не е во согласност со Законот за локалната самоуправа.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.218/97)