10/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 26 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92, 19/93, 9/94 и 6/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Иван Гоцев од Струмица му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 26 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба од Законот ги ограничувала слободите и правата на човекот и граѓанинот на Република Македонија, а особено по однос на слободниот избор на вработување и достапноста на секое работно место, како што било во конкретниот случај да не може да се именува јавен обвинител или заменик јавен обвинител ако тој е во сродство со претседател или судија на суд со иста стварна надлежност или му е брачен другар или е во сродство во права линија или во странична линија до втор степен, што не било во согласност со членовите 9, 23, 32 и 54 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со член 26 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/92, 19/93 и 9/94), се уредуваше дека за јавен обвинител и заменик јавен обвинител не може да биде именувано лице кое во некое од овие звања, во исто или повисоко јавно обвинителство или во Јавното обвинителство на Република Македонија, на претседател или судија на суд со иста стварна надлежност, како и на јавното обвинителство или на адвокат од исто подрачје, му е брачен другар или е во сродство во права линија или во странична линија до втор степен.

Со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.6/93 од 28 април 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/93) е укинат член 26 од Законот во делот што предвидува за јавен обвинител и замениик јавен обвинител да не може да биде именувано лице кое на претседател или судија на суд со иста стварна надлежност, како и на адвокат од исто подрчје, му е брачен другар или е во сродство во права линија или во странична линија до втор степен. Со истата одлука, Судот ја запрел постапката за оценување уставноста на член 26 од Законот, во делот што предвидува за јавен обвинител и заменик јавен обвинител да не може да биде именувано лице кое на лице во некое од овие звања во исто или повисоко јавно обвинителство, или во Јавното обвинителство на Република Македонија му е брачен другар или е во сродство во права линија или во странична линија до втор степен.

Исто така, Судот утврди дека со член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/96) член 26 од Законот се менува и гласи дека за јавен обвинител и заменик јавен обвинител не може да биде именувано лице чиј брачен другар или лице во сродство во права линија или во странична линија до втор степен, е јавен обвинител и заменик јавен обвинител во исто или повисоко јавно обвинителство, или во Јавното обвинителство на Република Македонија.

4. Тргнувајќи од фактот дека одредбата на член 26 од Законот за јавното обвинителство е усогласена со Уставот, а имајќи предвид дека подносителот на иницијативата оспорува содржина на одредба која веќе не постои во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по истата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.10/98)