226/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на локација за нови православни градски гробишта на Општина Кичево, број 785/3 од 30 јули 1997 година, донесена од Советот на Општина Кичево.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Кире Мојсоски градоначалник на Општина Другово, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање затоа што не била донесена во постапка предвидена со овој закон, односно не била спроведена јавна анкета и стручна расправа.

Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не била во согласност затоа што при нејзиното донесување не бил земен предвид Основниот и Деталниот урбанистички план на Кичево и Другово. При тоа, појаснува дека локацијата се наоѓала на самата граница меѓу општините Кичево и Другово, (во непосредна близина од 30 до 60 м.) на ново урбанизираната населба во Другово, на мошне привлечен простор за изградба на станбени објекти за кој постоел голем интерес и барања од граѓаните на општините Кичево и Другово и дека дел од локацијата припаѓал на Општина Другово. Локацијата била во непосредна близина на магистралниот пат Скопје-Кичево-Охрид и локалитетот ќе се користел за вршење на погреби што не било во согласност со законските норми за користење на јавните магистрални патишта.

Локацијата се наоѓала на земјиште кое не било погодно за гробишта затоа што во непосредна близина минувала линијата од регионалниот водовод “Студенчица” и постоела опасност од негово загадување и во техничко-урбанистичката документација не бил третиран железничкиот коридор “Исток-Запад” ниту во постапката за донесување на оспорената одлука било вклучено претпријатието “Македонски железници”.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се врши измена и дополнување на Основниот урбанистички план за град Кичево и се определува локација за православни градски гробишта во Кичево. При тоа во Одлуката се утврдени катастарските парцели од кои се формира локацијата за оваа намена и тоа КП бр.5921/2, КП бр.5929, КП бр.5930/2, КП бр.6714/2, КП бр.5922/2 и КП бр.5931/1. Понатаму од документацијата Судот утврди дека катастарските парцели припаѓаат на подрачјето на Општина Кичево.

Исто така, Судот утврди дека за донесување на оспорената одлука Советот на Општина Кичево организирал стручна расправа во која биле вклучени сите заинтересирани субјекти, па и Министерството за сообраќај и врски и ЈП “Македонски Железници” и дека на нацртот на планот е извршена стручна ревизија. Понатаму, Судот утврди дека за измени и дополнувања на Основниот урбанистички план – Кичево е прибавена согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, согласност од Министерството надлежно за работите на сообраќајот и согласност од вишиот републички санитарен и здравствен инспектор.

4. Според член 7 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија”бр.4/96, 8/96 и 28/96), во зависност од просторот кој е предмет на планирање, меѓу другото се донесува генерален урбанистички план (точка 2 алинеја 1 на овој член).

Во членот 17 од Законот е предвидено дека плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 2 на овој член, по нацртот на Просторниот план на Републиката, просторните планови на регион, национален парк, Град Скопје и на општина, генералниот урбанистички план, како и за урбанистички план за граничен премин и за локалитет со објекти од јавен интерес, се организира стручна расправа, со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот, а во ставот 3, исто од овој член е предвидено дека, по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета.

Според член 18 став 3 од Законот за стручната расправа и јавната анкета од член 17 став 2 и 3 на овој закон, министерството надлежно за работите на урбанизмот, изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлог на планот на усвојување.

Во член 19 од Законот е предвидено дека на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручна расправа и јавна анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на просторните и урбанистичките планови ја врши стручно-научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот. Стручната комисија од став 2 на овој член се определува од претставници на органите на управата и истакнати научни и стручни работници.

Од наведените законски одредби произлегува дека генералниот план (порано основниот план), општината го донесува без спроведување на јавна анкета, односно за неговото донесување се организира стручна расправа со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со јпланот и дека по нацртот на овој план, пред организирањето на стручната расправа, се врши стручна ревизија од стручно-научна институција или комисија што ја определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.

Со оглед на тоа што оспорената одлука претставува измени и дополнување на основен урбанистички план за кој не се предвидува јавна анкета, туку само стручна расправа и стручна ревизија по нацрт планот, Судот оцени дека таа е донесена во постапка утврдена со Законот, поради што не може да се постави прашањето за нејзината законитост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.226/97)