190/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јануари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста и законитоста на Одлуката за установување на ловишта на територијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97) и

б) уставноста на Наредбата за забрана на ловење на див зајак, полска еребица и еребица каменарка на територијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97), донесени од Владата на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Трифко Неделков од Битола за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 под а) и за оценување уставноста на актот означен под б) на ова решение. Според наводите во иницијативата во оспорената одлука биле дадени само имињата на ловиштата на територијата на Република Македонија без соодветни податоци за површината, намената, категоријата, бонитетот и капацитетот на ловиштата како елементи за утврдување границите на ловиштата туку со одредба од Одлуката се упатувале заинтересираните субјекти да извршат увид во документацијата за установените ловишта.

Од овие причини Одлуката не била во согласност со членот 30 од Законот за ловството.

Одлуката не била во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што документацијата не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”, а прописите влегувале во сила по нивното објавување.

Оспорената наредба не била во согласност со член 52 став 3 од Уставот затоа што предвидувала дека стапува во сила наредниот ден од денот на донесувањето.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука на територијата на Република Македонија се установуваат вкупно 253 ловишта.

Од установените 253 ловишта, 108 се за крупен дивеч, а 145 за ситен дивеч.

Понатаму, со Одлуката се утврдени ловиштата по ловостопански подрачја за крупен дивеч и за ситен дивеч со поименично означување на реоните за секое ловостопанско подрачје.

Според точката 5 од Одлуката документацијата за установените ловишта се наоѓа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде заинтересираните субјекти можат да вршат увид.

4. Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Со Законот за ловството (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/96, 26/96 и 34/97) се уредува одгледувањето, размножувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот (ловство). Според член 3 од овој закон дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон и со друг закон.

Во членот 30 од Законот е предвидено дека ловиште установува Владата на Република Македонија во согласност со просторниот план на Република Македонија. Според ставот 2 на овој член, Владата на Република Македонија определува и државни ловишта.

Во ставот 3, исто од овој член, е предвидено дека со установувањето на ловиштето се одредуваат неговите граници, површината, намената, категоријата, бонитетот и капацитетот, а според ставот 4 на овој член, во зависност од видот на дивечот што живее или може да се одгледува, ловиштата можат да бидат наменети за одгледување крупен и ситен дивеч.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека дивечот е добро од општ интерес и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со Законот за ловството и друг закон. Поаѓајќи од тоа дека дивечот е добро од општ интерес и при неговата заштита е нагласен општиот интерес. Во овој случај Владата на Република Македонија, врз основа на законското овластување ги востановила ловиштата во Република Македонија. При тоа со оспорената одлука, поаѓајќи од просторниот план на Република Македонија, со установувањето на ловиштата ги определила инивните граници со децидно означување на реоните што ги зафаќаат ловиштата. Документацијата, пак, за установените ловишта се наоѓа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде заинтересираните субјекти можат да вршат увид.

Според мислењето на Судот со објавување на оспорената одлука во “Службен весник на Република Македонија” се смета дека и документацијата е објавена затоа што таа претставува нејзин составен дел. Од стапувањето во сила таа е достапна на сите граѓани односно заинтересирани субјекти и тие можат да вршат увид во истата. Ваквиот начин на објавување е условен од техничката неможност целокупната документација за донесување на определен пропис да се објави во “Службен весник на Република Македонија”

Со оглед на тоа што со ваквиот начин на објавување се смета дека документацијата е објавена, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 52 од Уставот и член 30 од Законот за ловството.

5. На седницата Судот утврди дека со оспорената наредба се забранува ловење на див зајак, полска еребица и еребица камењарка на територијата на Република Македонија од 10 октомври 1997 година до 31 декември 1998 година.

Наредбата влегува во сила од наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Според член 52 став 3 од Уставот законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието од денот на објавувањето.

Од оваа уставна одредба произлегува дека само законите, влегуваат во сила осмиот ден од објавувањето, а не и другите прописи, односно уставна обврска е другите прописи да се објават пред да влезат во сила.

Со оглед на тоа што оспорената наредба влегува во сила нредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, односно таа е објавена и влегува во сила наредниот ден по нејзиното објавување Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзинта согласност со член 52 од Уставот.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.190/97)