189/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/902), на седницата одржана на 21 јануари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на алинеите 5 и 8 на член 1 и членот 5 од Одлуката за отстапување на привремено користење на недвижности без надоместок, донесена од Владата на Република Македонија на 9 јуни 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Земјоделската задруга “Слобода” ц.о. увоз извоз Ст. Зелениково-Скопје во стечај, ПОС “ЗИК” Долнени во стечај, Стојковски Петре и други од општина Долнени, му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Првиот подносител ја оспорува алинејата 5 на член 1 од Одлуката затоа што назначениот “културен дом” всушност не бил тоа, не бил ниту државен имот, туку претставувал обична селска куќа чиј сопственик била Задругата и во која живеел работник вработен во Задругата. Според вториот подносител, алинејата 8 на член 1 од Одлуката била несогласна со Уставот и со закон, затоа што за седиште во општината Долнени бил определен нов објект во катастарската општина Новоселани, односно била занемарена зградата на поранешната општина Долнени која се користела за тие цели. Третиот подносител го оспорува членот 5 од Одлуката затоа што предвидувал таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а не по нејзиното објавување.

Во иницијативите се предлага до донесување на одлуката, Судот да донесе времена мерка за запирање на извршувањето на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека: според алинејата 5 на член 1 од Одлуката на општината “Зелениково” и се отстапува на привремено користење објект, културен дом со површина од 200 м2 на КП.611, ПЛ.54, КО Страхојадица; со алинејата 8 на истиот член од Одлуката на општината Долнени и се отстапува на привремено користење објект лоциран на КП.130/2, ПЛ. 165, КО Новоселани, а со членот 5 од Одлуката се предвидува истата да влезе во сила со денот на нејзиното донесување.

Во останатиот дел од Одлуката се содржани одредби со кои се отстапуваат на привремено користење без надоместок објекти во општините: Могила, Ранковце, Вратница, Муртино, Блатец, Тополчани, Кривогаштани и сл.

Исто така, Одлуката содржи и одредби со кои се регулираат начинот и условите на користењето на недвижностите (договор) и постапката за примопредавање на овие недвижности.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука Судот оцени дека таа не е пропис во смисла на член 110 од Уставот бидејќи со неа привремено се даваат на користење точно утврдени објекти. Всушност оспорената одлука претставува поединечен акт кој има правно дејство само за еден субјект, а не и за другите учесници во правниот промет односно не делува врз неопределен број субјекти. Со предвидувањето дека за давањето на привремено користење на точно определените недвижности ќе се склучи договор помеѓу Службата за општи и заеднички работи со корисникот на недвижноста, фактички дејството на оспорената одлука се исцрпува, а сите понатамошни односи ќе се регулираат со тој договор.

5. Со оглед на тоа што Судот оцени дека оспорената одлука е поединечен акт кој не подлежи на уставно-судско оценување, Судот, исто така, оцени дека не треба да го прифати барањето, до конечната одлука, да го запре извршувањето на одлуката на Владата.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.189/97)