238/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јануари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиначување на Одлуката У.бр.147/97, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 10 декември 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – подрачна единица во Струмица, за преиначување на одлуката, означена во точката 1 од ова решение од укинување во поништување, затоа што тоа било барано со иницијативата по која е донесена таа одлука и што укинувачката одлука на Судот не овозможувала враќање на неосновано наплатените средства од страна на Јавното претпријатие “Комуналец” од Струмица.

3. На седницата Судот утврди дека со своја Одлука У.бр.147/97 од 10 декември 1997 година донесена на иницијатива на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – подрачна единица во Струмица, ја укина Одлуката за определување на висината на надоместокот на трошоците што се предизвикани со приклучување на нови корисници на вода односно со зголемување на едновремениот проток на постојните корисници, донесена од Работничкиот совет на ЈП “Комуналец” од Струмица на 11 мај 1994 година.

Понатаму, Судот утврди дека укинувачката Одлука на Судот е објавена на 26 декември 1997 година во “Службен весник на Република Македонија” бр.66/97 што значи дека тогаш одлуката влегла во сила.

4. Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, а според член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Одлуката на Судот влегла во сила со објавувањето, таа е конечна и извршна, па нема процесни претпоставки за постапување по оваа иницијатива, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Што се однесува, пак, до прашањето за “враќање на неосновано наплатените средства”, тоа е материја од надлежност на редовните судови, а не на Уставниот суд.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.238/97)