194/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јануари 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 21 од Правилникот за времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од постојаниот состав на Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92 и 16/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.194/97 од 3 декември 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 21 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за одбрана.

4. Судот на седницата утврди дека според член 21 од Правилникот, за регрут кој покрај македонското примил и странско државјанство, а побара да биде упатен на служење на воениот рок, одлучува министерот за одбрана.

5. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по предметот У.бр.55/97, на седницата одржана на 1 октомври 1997 година, донесе Одлука со која се укинува член 63 точка 3 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95). Одлуката на Судот е објавена во Службен весник на Република Македонија број 54/97.

Содржината на укинатата одредба од Законот гласеше дека од обврската за служење на воениот рок се ослободува лице кое покрај македонското примило и странско државјанство, освен ако само не побара да биде упатено на служење на воениот рок. Како причина за укинување на оваа одредба од Законот, во образложението на одлуката на Уставниот суд, меѓу другото се наведува дека одбраната на Република Македонија со Уставот е утврдена како право и должност на секој граѓанин, така што не може никој кој подлежи на таква обврска да биде ослободен од служење на воен рок, како есенцијална содржина на воената обврска и дека ослободувањето на лицата од обврската за служење на воениот рок, содржана во оспорената одредба, според мислењето на Судот е всушност доведување на овие лица во привилегирана положба во однос на другите граѓани, со што се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што Судот оценил дека таа одредба од Законот не е во согласност со одредбите на членовите 9, 28 и 54 од Уставот.

Тргнувајќи од фактот дека одредбата на член 63 точка 3 од Законот за одбрана е укината и не постои во правниот поредок, а имајќи предвид дека со оспорената одредба се пропишува нејзиното извршување, Судот оцени дека одредбата на член 21 од Правилникот не е во согласност со одредбите на Уставот и Законот за одбрана.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.194/97)