Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јануари 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Одлуката за зголемување на цените за превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај на ЈСП “Скопје”, донесена од Работничкиот совет на ЈСП “Скопје” на 23 декември 1996 година и Одлуката за измена и дополнување на Одлуката бр.02-820 од 23 декември 1996 година за зголемување на цените за превоз на патници во градскиот и приградскиот сообраќај на ЈСП “Скопје”, донесена од Работничкиот совет на ЈСП “Скопје” на 17 јануари 1997 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Лазар Георгиевски од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актите означени во точката 1 на ова решение, во која наведува дека е неуставна одлуката на ЈСП “Скопје” за цената на превозот со градскиот сообраќај во износ од 30 ден. во еден правец за релцијата Дом на печат-Населба Радишани, на која релација сообраќале автобусите “37” и “57”, бидејќи во градот на сите релации била воведена повластена цена на возните билети за градскиот односно приградскиот сообраќај во износ од 10 ден. во еден правец, па на овој начин граѓаните од оваа населба биле ставени во нееднаква положба во однос на другите граѓани, што било спротивно на членот 9 од Уставот на Република Македонија предлага Судот да ја укине оспорената Одлука.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одлуки се утврдуваат единствено цените на возните билети во зависност од видот на билетот (билет за едно возење, пренослив билет за две возења, билет за во град за пет возења, билет набавен во возило, претплатни билети).
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Видно е од содржината на оспорените одлуки дека истите претставуваат акти на работење со кои само се утврдени цените на одделни видови возни билети како надомест на услугите за превоз кои што ЈСП “Скопје” – Скопје им ги дава на граѓаните во вршењето на својата дејност, за кои што акти Уставниот суд не е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна одредба, поради што Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.201/97)