У.бр.333/1995

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 58 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 декември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Зоран Василески за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Василески од Тетово му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 8 став став 2, член 14 став 1, член 16 став 1 и 2, член 20 и член 37 став 5 од Уставот на Република Македонија, затоа што смета дека тие му се повредени со конечна одлука – решение на директорот на ЕЕ Трговска мрежа “Тетекс” А.Д. П.О. со која му била изречена дисциплинска мерка – престанување на работниот однос. Имено, како повреда на работниот ред и дисциплина, еден од основите за престанок на работниот однос, биле квалифицирани синдикални активности, односно активности кои ги вршел за синдикално организирање со цел да се заштитат и унапредат правата и интересите на вработените во “Тетекс” А.Д. Тетово. Исто така, како повреда на работниот ред и дисциплина му се сметале разговорите во неговата работна просторија со работник на “Тетекс” на кој му советувал заштита на правата, а истиот ден составил апел за солидарност, што претствувале активности што ги вршел како претседател на независниот синдикат “Сигурност” при “Тетекс”. Како повреда на работниот ред и дисциплина му биле земени предвид и активностите организирање, лепење и растурање на плакати, како и наводните дезинформации за состојбите во “Тетекс” изнесени во интервјуто што го дал за весникот “Фокус”.

Понатаму, подносителот на барањето појаснува дека во “Тетекс”, работниците, согласно Уставот на Република Македонија и Законот за работните односи основале независен синдикат “Сигурност”, на основачкото собрание биле донесени потребните акти (статут, програма и други одлуки) и дека овој синдикат бил член на Унијата на независните синдикати на Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето ги извршувал работните задачи референт во ЕЕ Трговска мрежа при “Тетекс” А.Д. Со решение на директорот број 4784 од 31 октомври 1995 година му престанал работниот однос со отказ, со отказен рок од 30 дена, заради кршење на работниот ред и дисциплина. При тоа е утврдено дека подносителот на ден 18 август 1995 година неовластено се оддалечил од своето работно место и престојувал во други канцаларии на Комбинатот при што водел разговори на тема надвор од неговите работни задачи. На ден 11 и 12 септември истата година организирал растурање и лепење на плакати со содржина што не била поврзана со неговите работни задачи. На 25 септември 1995 година, водел раговори во својата работна просторија со работник од “Тетекс” и му ветувал заштита на неговите права, а истиот ден составил апел за солидарност за собирање на парични средства за овој работник, без негово знаење и согласност. На ден 26 септември, неовластено се оддалечил од работното место и лично го лепел истиот апел на огласни табли на Комбинатот. На ден 29 септември престојувал во магационот на “Трговска мрежа” и собирал потписи, убедувајќи ги работниците од магацинот да се потпишат, а истиот ден го напуштил работното место пред истекот на работното време. На 17 октомври, надвор од неговите работни задачи престојувал во магацинот на суровини при Секторот за набавки и увоз и барал работници кои ќе се ангажираат на собирање потписи. Поради изнесеното било утврдено дека подносителот на барањето во подолг период не го користел работното време за вршење на своите работни задачи, туку се занимавал со активности кои не се поврзани со неговите работни задачи со што сторил повеќе повреди на работниот ред и дисциплина предвидени во член 91 точка 1 од Правилата за работни односи, работен ред и дисциплина, донесен од Управниот одбор на Акционерското друштво “Тетекс” – Тетово на 11 мај 1995 година и во повеќе случаи попречувал други работници во вршењето на нивните работни задачи со тоа што во работно време ги ангажирал за свои цели и потреби (член 90 точка 11 од Правилата).

Понатаму, со решението за престанок на работниот однос е утврдено дека подносителот на барањето во подолг период, надвор од “Тетекс” ширел дезинформации за работењето на “Тетекс”и неговите активности, помеѓу работниците и пошироката јавност и во овој период обавил повеќе средби со работници при што истите ги доведувал во заблуда за неговата активнсот, на одделни работници им ветувал помош и во нивно име и без нивна согласност организирал собирање на помош, составувал соопштенија, повици, во кои биле содржани невистини, навреди и клевети, се со цел да се создаде незадоволство и вознемирување помеѓу работниците, организирал печатење на ваквите текстови, нивно дистрибуирање и лепење и лично ги лепел на огласни табли и други јавни места. Во јавните медиуми лично пласирал вакви материјали (во весникот “Фокус” и обид на РТВ “КИС”), со што сторил повреда на работниот ред и дисциплина од член 90 точка 17 од Правилата.

При утврдување на одговорноста како отежителна околност влијаел и фактот дека дејствијата ги вршел повеќекратно – со повторување (член 90 точка 16 од Правилата).

Врз основа на утврдената фактичка положба подносителот на барањето бил огласен за виновен и му е изречена мерката престанок на работниот однос.

5. Во член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, а според ставот 2 на овој член, се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 90 точка 17 од Правилата за работни односи, работен ред и дисциплина на “Тетекс” А.Д. П.О. – Тетово, како една од тешките повреди на работните обврски и одговорности на работниците за која може да се изрече дисциплинска мерка престанување на работниот однос е предвидена “намерно создавање на незадоволство, односно вознемирување на работниците, протурање на дезинформации или погрешно информирање”.

Од Уставот произлегува дека содржината на слободата на јавното изразување на мислата, а со тоа и предметот на заштита од страна на Уставниот суд, не е ограничена само со човековото мислење како внатрешен психолошки процес на расудување за природните и општествените појави што го опкружуваат, туку се однесува на слободата на човекот она што го мисли и да го соопшто на јавноста. Притоа, за уставната гаранција сосема не е битна содржината на пораката што се изразува со користењето на слободата на јавното изразување на мислата. Таа може да се однесува на сите видови односи, како оние односи што се од општо значење за општествената заедница, така и на односите што се однесуваат на состојби и интереси на поединците.

Меѓутоа, Судот смета дека заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата се однесуваат само на оние форми на изразување на сила, притисок и други слични дејствија кои оневозможуваат едно мислење да добие своја надворешна манифестација преку средствата за јавно комуницирање. Оттука, според мислењето на Судот, злоупотребата на оваа слобода не ја исклучува можноста нејзиниот носител да трпи штетни последици ако од надлежните органи (во крајна инстанца суд), во соодветна постапка се утврди дека таа слобода е злоупотребена заради вршење на определени казниви дела. Исто така, според мислењето на Судот за остварување на оваа уставна гаранција е битно да се обезбеди од никого непречено јавно изразување на мислата како досег на слободата на мислата, а последиците ќе зависат од тоа што е предмет на мислењето, дали таа претставува битие на некое казниво дело и дали е тоа казниво според закон или друг пропис.

Во конкретниов случај, Судот смета дека не се работи за спречување на јавното изразување на мислата на подносителот на барањето, затоа што неговото јавно изразување на мислата во врска со состојбите и работењето во “Тетекс” е овозможено во средствата за јавно информирање (весникот “Фокус”, РТВ “КИС”), туку за последици врз него од дисциплински карактер што му се изречени заради содржината на тоа мислење, што според органите што одлучувале е елемент на казниво поведение утврдено во точката 17 на членот 91 од Правилата, за што во крајна линија се одлучува во постапка за заштита на правата на работниците од работниот однос пред редовните судови.

За карактерот на спорот што произлегува од карактерот на јавното изразување на мислата од значење е и статусот на подносителот на барањето што го имал во момент на јавното изразување на мислата, односно тој не настапувал од позиција на граѓанин, туку од позиција на работник во “Тетекс”. Во такви услови користењето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата за овие граѓани добива сосема друго значење од аспект на нивното својство на работници на претпријатието за кои важат внатрешните правила на однесување, и во таа смисла слободата на изразување на мислата не ги ослободува од одговорнсота за повреда на тие правила. Според тоа, работа е на дисциплинската постапка (во паретпријатието, а подоцна и пред редовниот суд) дали во конкретниот случај постои или не постои повреда на правилата за дисциплинска одговорност, при што од пресудна важност е утврдување на вистинитоста или невистинитоста на тврдењата независно од тоа што таквата евентуална повреда е сторена со јавно изразување на мислата.

Во конкретниов случај изнесувањето (протурање) на дезинформации или погрешно информирање на определена содржина е утврдено како битие на казниво дело, без оглед на тоа дека е сторено јавно (во весникот “Фокус”) или на друг начин, поради што казнувањето на неговото сторување со дисциплинска мерка – престанување на работниот однос, не претставува ограничување на слободата на така изразеното мислење, туку санкција што е непосредно поврзана со содржината на јавно изразеното мислење како елемент на дисциплинската повреда.

Поради тоа Судот оцени дека во конкретниов случај не постои ограничување на слободата на јавното изразување на мислата.

6. Со Уставот на Република Македонија е утврдено правото на граѓаните да се повикуваат на своите слободи и права пред редовните судови и пред Уставниот суд на Република Македонија (член 50 од Уставот) и во врска со тоа е утврдена надлежноста на Уставниот суд да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Според тоа, Уставниот суд не ги штити правата на работниците на синдикално организирање и дејствување. Имено, правото на синдикално организирање и дејствување на работниците во Уставот е сместено во делот на економски, социјални и културни права (член 37), што укажува дека синдикалното организирање и дејствување е издвоено односно е посебен облик на организирање на граѓаните, различен од здруженијата на граѓаните и политичките партии кои се организирани согласно член 20 од уставот, во кои граѓаните остваруваат заштита на своите политички, економски, културни и други права и уверувања, а преку организирање во политички партии се залагаат за учество во власта (член 2 и 3 од Законот за политичките партии). Основањето, пак, на синдикатите има јасна цел – остварување и заштита на економските и на социјалните права на граѓаните, односно на работниците. Законот за работните односи ги има предвид само организациите на работниците кои имаат синдикален карактер, вид на организирање на работниците заради остварување на нивните економски и социјални права од работниот однос, а кои се утврдени со закон и колективен договор.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.333/95)