142/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 декември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план на урбанистичката единица 22 “Капиштец”, Скопје, донесена од Собранието на град Скопје во декември 1988 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милица Андонова, Катерина Андоновска-Стојковска и Душко Андонов, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со наведените измени на Урбанистичкиот план битно се влошувале животните услови на подносителите на иницијативата, а сообраќајното решение воопшто не било прифатливо, бидејќи со објектот бр.3 улицата се затворала.

Поради овие причини подносителите на иницијативата се обратиле со приговори до Месната заедница “Кочо Рацин” на 8 јули 1988 година, до Градскиот комитет за урбанизам и заштита на човековата средина на 2 јули 1988 година и до Републичкиот комитет за урбанизам и заштита на човековата средина на 14 декември 1988 година. Со наведените приговори барале објектот 3 да се отстрани и да се отвори улица, со што ќе се создаделе подобри услови за објектите 1, 2, 4 и 5.

Меѓутоа, наведените приговори не биле разгледани и прифатени. Поради ваквата ситуација подносителите на иницијативата со лицата Развигор Степанов и Светозар Миновски потпишале предлог за измени на Деталниот урбанистички план кој на 5 јули 1989 година бил одобрен и заверен од Минситерството за урбанизам, Подрачна единица при Општина “Центар”, која измена до денес не била реализирана.

На крај се изнесува мислење дека оспорената одлука не е во согласност со член 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината законитост и по предложените докази да донесе одлука со која ќе се измени Деталниот урбанистички план на урбанистичката единица 22 “Капештец”, Скопје.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се предвидува просторот во границите на југо-исток на улица “Водњанска” од југо-запад на улица “Загребачка” и на улица “Козара” индивидуална станбена населба на субстандардните објекти, доградба и надградба на постојните објекти на П+1+П и П+2+П, како и обезбедување на нови локации за колективни станбени објекти со П+2+П и П+4+П ката. Графичките прилози, текстуалниот дел, одредбите за реализација, како и извештајот од јавната расправа се составен дел на одлуката.

Постапката за изменување и дополнување на означениот детален урбанистички план била поведена заради усогласување на постојниот план со изменувањето и дополнувањето на Основниот урбанистички план на град Скопје и со целите и задачите во Општествениот план за економскиот, социјалниот и просторниот развој на град Скопје.

Оспоренот урбанистички план бил ставен на јавен увид и е организирана јавна расправа во месните заедници “Кочо Рацин” и “Невена Георгиева Дуња” кои биле опфатени со предложените измени. Јавните расправи се одржале на 30 јуни 1988 година, а по одржаните јавни расправи се формирала комисија која ги разгледала мислењата и забелешките од јавната расправа, за што е изготвен извештај, при што прифатените забелешки се вградени во текстуалниот дел на Одлуката и графичкиот прилог, а за неприфатените забелешки е дадено образложение. Барањето да се отвори улицата “Кумровец” до улицата “Боро Петрушевски” што е главно барање и на подносителите на иницијативата е одбиено со образложение дека според сообраќајните нормативи не била можна друга крстосница во непоредна близина на постојната крстосница на ул.”Водњанска” и ул.”Боро Петрушевски”.

4. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ”38/85) кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, урбанистичкиот план се изработува во две фази нацрт план и предлог план. Просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат во фаза на нацрт на план на јавен увид и јавна расправа.

Според член 37 од истиот закон просторните и урбанистичките планови можат да се изменуваат и дополнуваат доколку тоа е неопходно заради нивното усогласување со среднорочните планови за општествено-економскиот развој или поради дејство на виша сила. Измените и дополнувањата на просторните и урбанистичките планови се вршат на начин и постапка пропишани за нивно донесување.

5. Од наведените законски одредби произлегува дека за донесување на урбанистичките планови било неопходно да се обезбеди јавен увид и да се организира јавна расправа, како две посебни фази. Имено, јавниот увид се обезбедуваше со истакнување на планот на јавно место, определен период од 15 до 30 дена, а јавната расправа се организираше преку собири на граѓаните во месните заедници. Давање на согласност на деталните урбанистички планови од страна на надлежното министерство со овој закон не беше предвидено, таква согласност беше потребна само за просторниот план на регион, општина или подрачје со посебна намена и основен урбанистички план.

Во овој закон исто така беше предвидено дека собранието на општината ги разгледува мислењата и забелешките од јавниот увид и јавната расправа и за неприфатените забелешки дава образложение.

Имајќи ја во предвид изнесената фактичка и правна состојба на работите по предметот, а поаѓајќи од стојалиштето според кое законитоста на урбанистичкиот план се оценува според законот кој бил во сила во време на донесувањето на оспорената одлука, а не според постојниот закон, Судот оцени дека оспорениот урбанистички план е донесен во постапка предвидена со закон од причини што е обезбеден јавен увид, организирана е јавна расправа и дадено е образложение за неприфатените забелешки на подносителите на иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со законот.

6. Што се однесува до наводите во иницијативата, Судот да ја цени оспорената одлука во однос на член 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96), според кој со просторното и урбанистичкото планирање се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, Судот утврди дека тој е надлежен да одлучува дали урбанистичките планови се донесени во постапка предвидена со закон, а аспектите предвидени во член 4 се во надлежност на доносителот на урбанистичкиот план во соработка со другите надлежни органи.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 142/97)