188/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 37 став 5 од Законот за пензиско-
то и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97), во делот што гласи “земајки го предвид и влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од Законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со Уставот.

Оспорената одредба од Законот била внесена од причини што во времето кога се вршат измени на Законот постоел и Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93). Меѓутоа, Законот за исплата на платите и пензиите повеќе не бил во сила и истиот се применувал заклучно со исплатата на платите, надоместоците и пензиите за месец декември 1994 година. Имено, овој закон односно член 6 од овој закон бил укинат од страна на Уставниот суд со Одлука У.бр.15/94 од 7 декември 1994 година како несогласен со Уставот на Република Македонија. Исто така, со Одлука на Уставниот суд У.бр.63/96 од 22 мај 1996 година била поништена точката 2 од Решението на директорот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1994 година.

Меѓутоа и покрај овие одлуки на Уставниот суд се уште била во сила оспорената одредба од Законот, за која Собранието на Република Македонија дава автентично толкување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97) во кое повторно се применува членот 6 од Законот за исплата на платите и пензиите кој бил укинат од Уставниот суд.

Со оглед на изнесеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка и да го поништи член 37 став 5 во означениот дел како несогласен со членовите 34 и 35 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е пропишан начинот на усогласување на пензиите, при што во оспорениот став 5 е предвидено дека заради примена на став 1 на овој член пензијата остварена во тековната година претходно се усогласува според порастот на платите во јануари на таа година во однос на јануари претходната година, земајки го предвид и влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон.

На 17 септември 1997 година Собранието на Република Македонија даде автентично толкување на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97), во кое меѓу другото е утврдено дека при толкувањето на членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување влијание има и членот 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93), кој бил во важност при утврдувањето на правото на исплата на пензиите за месец декември 1993 година и процентот на усогласувањето на пензиите во 1994 година.

Исто така, Судот утврди дека по поднесени иницијативи веќе ја оценувал уставноста на член 37 став 5 во и сега оспорениот дел за влијанието од друг закон и со Решение У.бр.70/96 од 2 октомври 1996 година ја запрел постапката за оценување уставноста на означената законска одредба и оценил дека смислата на усогласувањето на пензиите според член 37 од Законот е со индексација на пензиите да се сведат од просечно на месечнчо ниво, што овозможувало пензиите веднаш да се усогласуваат, а тоа значело нивно зголемување, а не намалување, со што се обезбедувала социјалната сигурност на граѓаните, а со отстранувањето, пак, на одредбата од член 6 од Законот за исплата на плати и пензии била отсранета и можноста за влијанието на усогласувањето на пензиите според овој закон.

Исто така, Уставниот суд со Решение У.бр.225/96 од 5 февруари 1997 година ја оценувал уставноста на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во целина и не повел постапка за оценување на неговата уставност со образложение дека законодавецот, во рамките на остварување на социјалната сигурност на граѓаните со оспорениот член го уредил и прашањето за основот и начинот на усогласувањето на пензиите кои реално треба да го следат порастот на платите.

4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување. Со оглед на тоа што Судот ја оценувал уставноста на член 37 во целина и не повел постапка, како и со оглед на тоа што ја оценувал уставноста на став 5 од овој член и тоа во време кога веќе бил укинат член 6 од Законот за исплата на плати и пензии и не нашол основ за донесување укинувачка или поништувачка одлука, Судот оцени дека фактичката и правната состојба се непроменети, поради што нема основ за поинакво одлучување.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека пензиското и инвалидското осигурување треба да бидат уредени со еден закон, а не со повеќе закони Судот оцени дека не станува збор за уставност туку за целисходност што ја цени законодавниот орган.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.188/97)