179/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за постапката за упис во судски регистар (“Службен лист на СФРЈ” бр.13/83,17/90).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на:

– Законот за вонпроцесна постапка (“Службен весник на СРМ” бр.19/79).

– Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал член 15, 103 и 105 (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93), и

уставноста и законитоста на Уредбата за упис во судскиот регистар на претпријатијата и други правни лица кои вршат стопанска дејност (“Службен лист на СФРЈ” бр.21/89,66/89,5/90).

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Душко Чангов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законите означени во точките 1 и 2 од ова решение и уставноста и законитоста на Уредбата означена во точка 2 од ова решение, затоа што не биле во согласност со членовите 8,30 и 60 од Уставот на Република Македонија, и со Законот за претпријатија, поради што: со укинувањето на Законот за здружениот труд, врз чија концепција бил донесен. Законот за вонпроцесна постапка во врска со уписот во судскиот регистар, а со донесувањето на законот за претпријатијата настанале радикални промени во поглед на сопственоста, пред се во поглед на приватната сопственост, со што се наметнала потребата и за соодветни промени во прописите што го уредувале прашањето за уписот на претпријатијата во судскиот регистар.

Имено, според поранешните правни прописи при уписот во судскиот регистар се претпоставувало дека предлагачот на уписот и лицето за чиј интерес се одлучувало во таа постапка се едно исто лице, поради тоа што постоел само еден вид на сопственост, односно само општествената сопственост.

Според тоа уписот во судскиот регистар претставувал едностран правен однос. Меѓутоа, по донесувањето на Законот за претпријатијата со кој биле предвидени и други видови на сопственост, постапката за упис во судскиот регистар морало да се води како двостран правен однос. Ова затоа што при трансформацијата на капиталот едната страна која до тогаш имала овластување да го застапува општествениот капитал требало тој капитал да го отстапи на друго лице кое станувало сопственик. Со оглед на тоа што овие две страни имале спротивни интереси, бидејќи едната страна имала интерес да го задржи капиталот, а со тоа и управувањето и раководењето со претпријатието, додека другата страна имала интерес да ја преземе сопственост, се налагала потребата од соодветни интервенции во Законот за вонпроцесна постапка во одредбите што се однесувале на уписот во судскиот регистар, со цел истите да се усогласат со Законот за претпријатијата.

Со оспорената уредба за упис во судскиот регистар било пропишано да се бара доказ дека правното лице обезбедило средства за основање и работа на претпријатието, без оглед дали тие средства биле обезбедувани од граѓани или општествени правни лица. Поради ова и лицата кои вложувале приватни средства се запишувале како општествени правни лица, при што се запишувало само правото на располагање со вложените средства.

Со оглед на тоа што според член 2 од Законот за претпријатијата било пропишано дека сопственичката форма ќе зависи исклучиво од видот на сопственоста на средствата, би требало при уписот во судскиот регистар судот да бара докази за видот на сопственоста на средствата што се вложувале и врз основа на тој факт да се извршел и соодветен упис во судскиот регистар.

Со Законот за постапката за упис во судскиот регистар се признавала само општествената сопственост, при што не била земена предвид приватната сопственост, со што била оневозможена правна заштита на со Устав гарантираната приватна сопственост. Со овој закон биле редуцирани правните лекови, како и роковите за нивната примена, при што и формалната и материјалната правосилност на решенијата изнесувала три години иако според Законот за основните сопственосно правни односи правото на сопственост не застарувало.

Во однос на оспорените одредби од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал во иницијативата се наведува дека законодавецот тргнал од неоснована претпоставка дека трансформација ќе бараат исклучиво претпријатија кои работеле со општествен капитал, при што не ги имал предвид другите видови на сопственост. Поради тоа било овозможено многу правни лица кои работеле со средства во приватна сопственост да се запишат како претпријатија во општествена сопственост, а потоа врз основа на против правен упис да се трансформираат и да се продадат. Ваквите појави биле поради неприменување на член 7-а од поранешниот Закон за општествен капитал, во кој било пропишано кој дел од капиталот се смета за општествен, а кој дел се изземал во ваквата сопственичка форма.

Имено, во оспорениот член 15 од овој закон се барало исклучиво само доказ од судски регистар, кој практично бил неверодостоен доказ за видот на вложените средства.

Во член 103, пак, од Законот било припишано овластување на посебна организација која ќе врши контрола, но само за годините 1989, 1990, 1991 и 1992 година, што значело дека нема да се врши контрола за трнсформацијата извршена според Законот за општествениот капитал. Поради ваквата сигуација било оневозможено да се утврди дали во претпријатието постојат сопственички права кои моежеле да настанат пред 1989 година.

Со член 105 од Законот било предвидено дека може да се бара поништување на уписот извршен по противправно извршената трансформација преку јавниот обвинител во рок од три години од влегувањето во сила на овој закон, кој влегол во сила на 29.06.1993 година, со што за сите правни лица им бил даден различен рок за примена на горенаведениот правен лек, кој ќе зависел од времето кога Агенцијата дала согласност за трансформација, поради што некои правни лица и не можеле воопшто да го искористат, затоа што многу подоцна се трансформирале или се уште не се трансформирани.

3. Судот на седницата утврди дека, Законот за постапката за упис во судскиот регистар согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е преземен како републички закон кој до донесувањето на Законот за трговските друштва се применуваше за сите стопански субјекти. Со донесувањето на Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96) за трговецот престана да важи горе означениот закон (член 726 од Законот за трговија), но тој се уште остана да се применува за стопанските субјекти што немаат својство на трговец.

Со измените на Законот за постапката за упис во судскиот регистар извршени во 1990 година се извршија и суштински измени на постапката за упис.

Така со измените на член 17 од овој закон е предвидено дека во постапката за упис во судскиот регистар, врз прашањата што не се уредени со овој закон, сообразно да се применуваат одредбите на Законот за процесната постапка со што всушност на постапката за упис се повеќе и се даде својство на спорна (контенциозна) вонпарнична постапка.

Исто така, според член 15 став 2 од Законот, во постапката за упис во судскиот регистар се јавуваат две страни и тоа предлагач, тоа е лицето по чи предлог се повдува постапката (овластено лице), а спротивно на предлагачот е субјектот на уписот спрема кого се остварува барањето истакнато во предлогот. Имајќи ги предвид извршените измени на овој Закон е донесена и нова уредба за уписот во судскиот регистар со која е предвидено кон пријавата за упис во судскиот регистар да се доставуваат различни документи во зависност од видот на претпријатието односно од видот на сопственоста на вложениот капитал. При тоа ниту во Законот ниту во Уредбата не е предвидено доставување на доказ чии се средствата што се вложуваат за основање на одреден вид претпријатие, туку се поаѓа од претпоставката дека средствата се такви каков што вид на претпријатие се основало и судот не е задолжен по службена должност да го испитува потеклото на средствата. За регистарскиот суд е битно да се вложени потребните средства за основање и почеток со работа на претпријатието предвидени со закон, а доколку постои спор во врска со сопственоста на средствата односно ако покрај другото, уписот е извршен врз основа на лажна исправа, ако во исправата се наведени неточни податоци или ако постојат труди со закон предвидени причини, може, согласно член 71-а од Законот за постапката за упис во судскиот регистар, со тужба за утврдување да се бара да се утврди дека уписот е ништовен. Тужба може да поднесе лицето кое има правен интерес да се утврди ништовност на уписот. Тужба се поднесува во рок од 30 деа од денот кога подносителот на тужбата дознал за причините за ништавност, но не може да се поднесе по истекот на рокот од 3 години од денот на извршениот упис.

Исто така, со Законот е дозволено и правото на жалба против решението за упис во судскиот регистар, кое право го има учесникот или друго лице кое смета дека со решението е повредено неговото право или интерес заснован на закон (член 60). Воедно, согласно член 69 од Законот секое лице кое има правен интерес може да му поднесе на регистарскиот суд барање за бришење на неоснованиот конечен упис, во рок од 15 дена од денот на сознанието за уписот, а најдоцна во рок од 60 дена од денот на извршениот упис.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов.(У.бр.179/97)