Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став 3 и 4, член 73, член 75 и член 77 од Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Работничката партија од Кочани и “Радио Штип” од Штип му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените членови од Законот за радиодифузна дејност означени во точката 1 од ова решение.
Член 9 став 3 и 4 ги оспорува Радио Штип затоа што со нив основањето на локалните јавни радиодифузни претпријатија било предвидено само како можност, додека основањето на јавните радиодифузни претпријатија за територијата на Република Македонија се врши со закон, со што вработените во локалните станици се ставале во понеповолна положба во однос на радио дифузни претпријатија за територијата на Република Македонија, иако и двете групации се финансирале од Буџетот на Република Македонија, со што се повредувал уставниот принцип на еднаквост.
Член 73 го оспорува Работничката партија од Кочани затоа што износот од 2,5% од просечната плата како радиодифузна такса бил преголемо оптоварување за социјално загрозените граѓани и ги доведувало нив во нееднаква положба во однос на другите.
Член 75 го оспорува Работничката партија од Кочани затоа што обврската за плаќање на радио дифузната такса заедно со сметката за електрична енергија претставувало законска принуда, за што немало уставен основ.
Член 77 го оспорува Радио Штип затоа што со него се вршел распоред на средствата од прибраната такса на начин со кој се фаворизираат јавните радиодифузни претпријатија на територијата на Република Македонија, а за локалните станици се издвојува само 5%, поради што тој не бил во согласност со член 55 став 1 од Уставот кој ја гарантира слободата на претпремништвото и го забранува создавањето монополи.
3. На седницата Судот утврди дека според член 9 став 3 од Законот основањето, дејноста и организацијата на јавните радиодифузни претпријатија на територија на Република Македонија се уредува со закон, а според член 9 став 4 јавни радиодифузни претпријатија кои вршат дејност на локално ниво може да ги осниваат општините и градот Скопје со основачки акт, под услови утврдени со закон, а по претходна согласност од Советот за радиодифузија.
Во член 73 став 1 од Законот е предвидено радиодифузната такса да се плаќа секој месец, во висина од 2,5% од просечната нето плата исплатена во Републиката за претходните три месеци, а согласно член 75 став 1 радиодифузната такса се наплатува со сметката за наплата на електричната енергија врз основа на евиденцијата (регистар на корисници на радио и ТВ приемник) што ја води претпријатието од член 74 на овој закон.
Со член 77 од Законот се врши распоредување на средствата што се остварува од радиодифузната такса на следниот начин: 61% на јавното претпријатие што врши дејност на територијата на Република Македонија за создавање и емитување на програми од интерес за државата; 16,5% за изградба, одржување и употреба на основната радиодифузна мрежа; 7,5% за развој и техничка опременост на Јавното радиодифузно претпријатие на територијата на Република Македонија; 5% за јавните радиодифузни претпријатија што вршат дејност на локално ниво и 10% за создавање и емитување програми од јавен интерес за трговските радиодифузни друштва и независни продуценти.
4. а) Според член 16 став 2 од Уставот се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Судот оцени дека оспорените одредби од член 9 став 3 и 4 од Законот не го ограничуваат правото на единиците на локалната самоуправа да основаат јавни радиодифузни претпријатија, туку, напротив, тоа го оставаат на тие единици во зависност од нивните интереси и можности, а не го пропишуваат како нивна обврска што би била повреда на слободата на основањето на институции за јавно ифнормирање. Исто така, околноста што Република Македонија со закон основа јавни радиодифузни претпријатија за целата територија на Република Македонија не ја ограничува слободата на основање на институции за јавно информирање од страна на други субјекти.
Исто така Судот оцени дека повикувањето во иницијативата на член 9 од Уставот за еднаквоста на граѓаните вработени во една или друга радиодифузна организација е ирелевантно за уставноста на член 9 алинеја 4 од Законот затоа што супстратот на оспорените одредби воопшто не се однесува на поединечни права на вработените.
Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 9 став 3 и 4 од Законот со член 9 и член 16 од Уставот.
б) Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Пропишувањето на висината на радиодифузната такса, како јавна давачка, е право на законодавецот и Уставниот суд не може да навлегува во преиспитување на нејзината висина како прашање на целисходност. Исто така, начинот на нејзината наплата заедно со сметката за електрична енергија утврден во член 75 од Законот не преставува прашање на уставноста, туку прашање на техника за која се определил законодавецот во рамките на своите уставни овластувања. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 73 и 75 од Законот со член 33 од Уставот.
в) Поаѓајќи од уставните одредби за гарантирањето на јавното информирање и слободата, но и правото на примање и пренесување на информациите, Судот оцени дека Собранието на Република Македонија, во рамките на овластувањето од член 68 од Уставот да донесува закони, може да ги распоредува средствата од таксата во зависност од политиката насочена кон развивање на јавното информирање на граѓаните на целата територија на Република Македонија и за програми за кои смета дека се од јавен интерес, но и кон помагање на развојот на радиодифузните претпријатија на локално ниво. Оттука, според мислењето на Судот, приоритетното развивање на јавната информативна мрежа на целата територија на Република Македонија не може да се смета како создавање мополска положба на јавното претпријатие што ја врши таа дејност на целата територија наспроти локалните радиодифузни претпријатија, поради што и не може да се постави прашањето за уставноста на оспорените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.88/97)