Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 октомври 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување на член 8 став 1 од Правилникот за стручно оспособување и усовршување на работниците во ЈЗО Здравствен дом Македонски Брод, донесена од Управниот одбор на 31 јули 1997 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, директорот на Здравствениот дом во Македонски Брод, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се менувал Правилникот за стручно оспособување и усовршување без претходно спроведена постапка. Исто така, со оспорената одлука за упатување на стручно оспособување и усовршување се овластувала комисија формирана од Управниот одбор, а не од директорот, како што било предвидено во член 27 став 1 од Законот за работните односи и член 36 став 3, 9 и 17 од Статутот на Здравствениот дом. Со вака извршените измени му се одземало правото на директорот да врши планирање и распоредување на здравствените работници заради рационално извршување на работните задачи.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката се менува член 8 став 1 од Правилникот за стручно оспособување и усовршување и се предвидува дека упатувањето на здравствените работници и соработници на специјализација ќе го врши комисија формирана од Управниот одбор.
Исто така Судот утврди дека Управниот одбор на означената задравствена организација во 1996 година донел Правилник за стручно оспособување и усовршување, при што во член 8 предвидел дека упатувањето на здравствените работници и соработници на специјализација ќе го врши комисија формирана од страна на директорот. Во овој член од Правилникот утврдени се случаите кога комисијата може да донесе одлука за специјализација.
Разгледувајќи го Статутот на Здравствениот дом Судот утврди дека според член 17 алинеја 1 и 7 управниот одбор на Здравствениот дом го донесува статутот и другите општи акти на Домот и избира постојани и повремени комисии. Директорот на Здравствениот дом, според член 36 од Статутот, самостојно донесува одлуки и врши распоредување на работниците од едно на друго работно место.
4.Според член 152 став 1 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/97 – пречистен текст) здравствените работници и здравствените соработници со висока стручна подготовка можат да специјализираат и субспецијализираат од определени гранки на медицината, стоматологијата односно фармацијата.
Согласно член 155 од овој закон здравствените работници и здравствените соработници можат да специјализираат ако имаат завршен приправнички стаж, положен стручен испит и една година работно искуство во струката по положувањето на стручниот испит.
Министерството за здравство, според член 156 од Законот, утврдува критериуми и донесува програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри.
Врз основа на критериумите и програмата на Министерството, здравствените организации и другите организации што спроведуваат здравствена заштита донесуваат програми за стручно усовршување, специјализација и субспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници.
Според член 157 став 1 од Законот упатувањето на здравствените работници и здравствените соработници на специјализација го вршат здравствените организации и другите организации кои спроведуваат здравствена заштита, по постапка и на начин утврдени со нивните општи акти во согласност со програмата на Министерството и на здравствената организација.
Од изнесените законски одредби произлегува дека начинот и постапката за упатување на здравствените работници и здравствените соработници на специјализација и субспецијализација се утврдува со општи акти на здравствените организации.
Тоа значи дека со Законот не е утврден органот кој ќе врши упатување на специјализација и субспецијализација, туку е препуштено со општиот акт на здравствената организација, во рамките на овластувањето да го утврди начинот и постапката, да го определи и органот кој ќе врши упатување на специјализација и субспецијализација. Исто така, со Законот не е утврдена посебна постапка за донесување на актот за упатување на специјализација и субспецијализација.
Инаку, според член 141 од Законот со здравствената организација управува управен одбор, кој покрај другото, е овластен да го донесува статутот и други општи акти и да го следи нивното извршување.
Додека за директорот на здравствената организација со Законот е утврден само начинот и условите за избор, а не и неговите овластувања, што значи дека истите треба да се утврдат со статутот на здравствената организација.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Законот за здравствена заштита.
Понатаму, Судот утврди дека со член 27 од Законот за работните односи е уредено прашањето за распоредувањето на работниците од едно на друго работно место, при што во став 3 е предвидено одлука за распоредување да донесува работодавецот или работникот кого тој ќе го овласти.
Според тоа со оваа законска одредба не е изречно овластен работоводниот орган да донесува одлука за распоредување, туку за тоа е овластен работодавецот односно органот на управување или работник кој ќе биде определен од страна на работодавецот.
Исто така според член 1 точка 3 од Законот за работните односи под работодавец се подразбира претпријатие или друго правно лице кое врши стопанска дејност, установа и друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган или орган на единица на локалната самоуправа и друго домашно и странско физичко и правно лице кое вработува работници, што значи дека секогаш не се поистоветува работодавецот со работоводниот орган.
При тоа, со Законот е оставена можност на работодавецот автономно да се определи како и преку кои органи ќе ги остварува правата и обврските утврдени со Законот или со колективен договор.
Работоводниот орган, пак, според член 6 од Законот за работните односи, правата и обврските од работниот однос, за времето додека е именуван на ова работно место ги остварува според одредбите на овој закон и колективен договор.
Тоа значи дека правата на работоводниот орган ако не се утврдени со закон и со колективен договор се утврдуваат со статутот на работодавецот. Според тоа право е на работодавецот да определи за кои прашања ќе може да одлучвуа работоводниот орган.
Со оглед на тоа што во здравствените организации како орган на управување е управниот одбор, кој е овластен да ги донесува општите акти и да ги определи овластувањата на работоводниот орган односно директорот, произлегува дека со оспорената одлука не се повредуваат правата и обврските на директорот предвидени со закон, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените одредби од Законот за работните односи.
Дали, пак, со оваа одлука на поинаков начин се уредуваат спорните прашања од тоа како се уредени со Статутот на Здравствениот дом, е прашање, за кое Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 156/97)