133/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милорад Ивановски од Куманово, Станислав Стојанов од Пробиштип и Киро Томовски од Скопје, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на точката 2 од решението означено во точка 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите од статистичките податоци за движењето на просечните плати на сите вработени во Република Македонија произлегувало дека усогласувањето на пензиите остварени во 1994 година требало да се изврши со 66, 67%, а не со 41,37% како што било предвидено со оспорената одредба, односно со начинот на усогласувањето на пензиите според оваа одредба, усогласувањето на пензиите било помало за 25% што не било во согласност со член 37 став 4 и 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Исто така, оспорената одредба не била во согласност и со член 6 ставовите 1, 3 и 5 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија затоа што од овие одредби произлегувало да се утврди исплатената пензија за месец ноември 1993 година и исплатата да биде усогласена со порастот на платите за месец ноември во однос на месец октомври истата година и затоа што во практиката при усогласување на пензиите не се применувале објавените статистички податоци за движењето на платите при усогласувањето на пензиите и со примената на овие одредби од овој закон бил намален процентот на усогласувањето на пензиите за 25%. При тоа подносителот на иницијативата напоменува дека со укинување на овие одредби од Уставниот суд на Република Македонија тие не можеле да влијаат врз утврдување на пензиите остварени во 1994 година, туку усогласувањето требало да се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од означеното решение била предмет на одлучување пред овој суд за оценување на законитоста и со решение У.бр.244/96 и У.бр.249/96 од 26 март 1997 година и У.бр.110/97 од 18 јуни 1997 година Судот не поведе постапка за оценување на нејзината законитост. При тоа Судот утврдил дека усогласувањето на пензиите има за цел да го следи порастот на платите остварени во Републиката под услови и рокови предвидени со Законот. Меѓутоа, усогласувањето на пензиите остварени во текот на 1994 година според оспорената одредба, односно со процент 41,37% претставува сооднос на платата од декември 1993 година во однос на просечната плата од цела 1993 година, а нивото на платата за декември е пресметано според одредбата на член 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93). Според оваа одредба пензиите за месец декември 1993 година се исплатуваат во висина на 92% од правото на исплата утврдено за тој месец. Според ставот 2 на овој член, исплатата на пензиите за месец јануари 1994 година и натаму се усогласува со стапката на пораст на трошоците на живот во тековниот мсец во однос на претходниот месец намалена за 2,5% процентни поени и 50% од разликата меѓу стварниот и планираниот пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец.

Правото од став 1 на овој член се утврдува во висина на исплатената пензија за месец ноември 1993 година и усогласена со порастот на платите за месец ноември во однос на месец октомври 1993 година, што значи дека вака утврдената пензија претставува основа за исплата на пензиите за месец декември 1993 година и се исплатува во висина 92% од правото на исплата утврдено за тој месец.

Заради примена ставовите 1, 2 и 3 од овој член пензиите остварени во јануари (се мисли јануари 1994 година) претходно се пресметуваат на месечно ниво според достигнатото ниво на усогласеноста на пензиите во месец декември претходната година во однос на целата година.

Според тоа, процентот за усогласувањето на пензиите 41,37% е утврден врз основа на одредбите на членот 6 од овој закон, односно според влијанието на овој закон врз усогласувањето на пензиите.

Со оглед на тоа што врз усогласувањето на пензиите во 1994 година влијаел Законот за исплата на плати и пензии во Република Македонија, кој бил во важност при утврдувањето на процентот на усогласувањето, односно пензиите во 1994 година се усогласени според овој закон, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1993 година со членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

4. Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во поглед на наводите во иницијативите дека при утврдување на процентот за усогласување на пензиите во висина од 41,37% не се применети статистичките податоци за движењето на платите Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.133/97)