Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 септември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 16 а став 1 од Статутот на АД “Тутун” од Скопје, донесен од Собранието на акционери на 24 јули 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија АД “Тутун” и Лазар Заковски од Скопје му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 16 а став 1 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба не е во согласност со член 30 и 55 од Уставот на Република Македонија и член 109 и 110 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, затоа што со неа е оспорено уставното право на сопственост односно правото на располагање бидејќи на имателите на акции им се налага тие акциите по престанок на работниот однос задолжително да ги пренесат на други вработени акционери по номиналната вредност, како и поради тоа што интерните акции не можеле да бидат во промет.
Воедно со иницијативата се бара Судот да донесе времена мерка со која ќе наложи на Основниот суд во Тетово по предметот П.бр.304/97, П.бр.302/97 и П.бр.1412/96, Основниот суд Скопје И Скопје по предметот П.бр.1920/97 и П.бр.2385/97 и Основниот суд Охрид по предметот П.бр.783/96 да ја запрат постапката.
3. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на Законот со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и со законот.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.
Со оглед на тоа што оспорениот акт на акционерското друштво не е пропис во смисла на член 51, 52 и 110 од Уставот и е погоден за уставно судска оценка, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во однос на барањето за изрекување на времена мерка, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд не се исполнети условите за изрекување на времена мерка.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.171/97)