Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/92), на седницата одржана на 24 септември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на
а) Законот за продажба на деловни згради и деловни простории на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94);
б) Програмата за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија во 1995 година, донесена од Владата на Република Македонија на 10 јули 1995 година;
в) Одлуката за здружување и прибирање на средства за доделување и користење на деловен простор во општествена сопственост, донесена од Собранието на Основната заедница за деловен простор на град Скопје на 23 март 1988 година и
г) Уставноста на начинот за одвивање на лицитацијата.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Марија и Наташа Георгиевски од Скопје му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што со заклучувањето на договор за здружување на средства со граѓаните, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор не постапило согласно со одредбите од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека:
а) со решение У.бр.121/94 и 129/94 од 2 ноември 1994 година го укинал член 14 став 1 од Законот за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94), при што предмет на оценка бил Законот во целина.
б) со решение У.бр.69/96 од 10 јули 1996 година ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Програмата за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија во 1995 година, донесена од Владата на Република Македонија на 10 јули 1995 година, при што предмет на оценка бил Законот во целина.
в) со одлука У.бр.123/88 од 13 декември 1988 година утврдил дека Одлуката за здружување и прибирање на средства за доделување и користење на деловен простор во општествена сопственост, донесена од Собранието на основната заедница за деловен простор на град Скопје, на 23 март 1988 година во време на нејзиното важење не била во согласност со Уставот на Република Македонија и била во спротивност со законот.
4. Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што, оспорените акти биле предмет на уставно судска оценка, а не постојат основи за поинакво одучување, Судот согласно горе наведената одредба од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
Што се однесува до прашањето за начинот на кој се одвивала лицитацијата на деловниот простор и кој со иницијативата се оспорува, согласно член 110 од Уставот, тоа излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот, поради што, согласно оваа уставна одредба го отфрли барањето во иницијативата.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.25/97)