Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 19-а од Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95 и 17/96).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Сузана Горгиева и Славка Ефтимова од Радовиш, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што таа не била во согласност со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија бидејќи таа уставна одредба значела дека правата на вработените и нивната правна положба се уредуваат со закон за работните односи и со колективен договор, а не и со друг закон.
3. На седницата Судот утврди дека законската одредба била предмет на оценување и од наведениот аспект, при што е одлучено да не се поведе постапка затоа што правата на вработените се уредуваат со закон (член 32 став 5 од Уставот), независно дали е тој закон за работни односи или не.
Понатаму, Судот смета дека сега нема основи за поинакво одлучување од она што е порано одлучено.
Со оглед на тоа што оспорената законска одредба била предмет на оценување и од наведениот аспект, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата пропишани во член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.172/97)