У.бр.168/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеа 3 и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Руфи Османи од Гостивар за заштита на слободите и правата повредени со Обвинителниот акт К.о.163/97 од 18.08.1997 година на Основното јавно обвинителство во Гостивар.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Руфи Османи од Гостивар му поднесе барање за заштита на слободите и правата повредени со обвинителниот акт, означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него како граѓанин и како градоначалник на Општина Гостивар се обвинувал за јавно изречена мисла.

Имено, во наведениот обвинителен акт граѓанинот Руфи Османи се обвинувал затоа што организирал јавен мирен протест и јавно ја изразил својата мисла. Со овој акт констатациите биле извлечени од контекс на јавен настап и јавно изразена мисла, со цел да се доведат во врска со обележјата на определени кривични дела предвидени во Кривичниот законик на Република Македонија.

Иако, со Уставот на Република Македонија слободите и правата на човекот и граѓанинот биле предвидени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, а со Уставот посебно се гарантирани слободите на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, донесувачот на означениот обвинителен акт, Основното јавно обвинителство го обвинувал граѓанинот кој го користел своето уставно загарантирано право на јавен настап и јавно изразување на мислата што било видно од содржината на актот.

Според мислењето на подносителот на барањето, слободата на мислата Уставот ја гарантирал како апсолутно право на човекот без ограничување и секое ограничување или дополнително регулирање не значело ништо друго освен нејзина сопствена негација.

Со оглед на изнесеното во барањето подносителот се повикува на членовите 16 и 21 од Уставот и смета дека со обвинителниот акт му е повредено правото на јавно изразување на мислата на уставно гарантиран мирен собир на кој граѓаните можат да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.

3. Судот на седницата утврди дека со означениот обвинителен акт Руфи Османи се обвинува дека сторил кривично дело предизвикување на национална, расна и верска омраза и раздор и нетрпеливост од член 319 став 2 од Кривичниот законик, поради тоа што злоупотребувајќи ја својата положба на градоначалник на општина Гостивар со континуирано дејствување предизвикал и разгорил национална омраза, раздор и нетрпеливост. Ова свое дејствување го сторил со тоа што при донесувањето на статутарната одлука за употреба на знамињата во општина Гостивар, не укажал на Советот за нејзината неуставност и незаконитост и истата одлука иако неуставна и незаконита ја спровел со истакнување на знамињата на Република Македонија, Република Албанија и Република Турција.

Потоа, пред првомајските празници доставил до сите јавни институции писмено известување со кое ги известува дека се должни за време на празниците да ги истакнат знамињата како што е предвидено во статутарната одлука.

Од овие причини наведени во обвинителниот акт е видно дека за кривичното дело од член 319 од Кривичниот законик обвинителниот акт не се покренува поради јавно изразена мисла на Руфи Османи како граѓанин, туку спроведувањето на неуставни и незаконити акти како градоначалник на општина Гостивар, кои биле донесени од Советот на општината Гостивар.

Исто така, со означениот обвинителен акт Руфи Османи се обвинува и за кривично дело организирање на отпор од член 387 став 2 од Кривичниот законик, и тоа затоа што Руфи Османи како градоначалник закажал протестен митинг. под мотото “да ја браниме слободната употреба на националното знаме”, како
отпор да се изврши одлуката на Уставниот суд за симнување на знамињата, на кој митинг изнел и свој став дека не ги признава одлуките на Уставниот суд.

Потоа, се обвинува дека организирал наоружана стража за заштита од симнувањето на знамињата и формирал контролен кризен штаб при што изработил и писмен оперативен план. Како последица на ваквото дејствување на градоначалникот Руфи Османи дошло и до нарушување на јавниот ред и мир во градот.

4. Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела.

Според Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97) јавниот обвинител поднесува барање за поведување на кривична постапка односно подигнува обвинителен акт и презема други дејствија во врска со гонењето на сторителите на кривични дела што е негово основно право и должност. Јавниот обвинител всушност има улога на странка во постапката. Јавното обвинителство иако се јавува како заштитник на објективниот правен поредок, сепак тој не донесува одлуки и нема право да влијае врз донесувањето на одлуки, ниту да учествува во нивното донесување. Тој може само да предлага и да бара од надлежниот суд како и од други надлежни органи да поведат соодветна постапка за примена на законот во која тој учествува само како странка.

Во вршењето на својата основна функција гонење на сторителите на кривични дела тој мора да го почитува принципот на легалитет, односно да преземе кривично гонење само ако располага со докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност. Јавниот обвинител не е овластен да му издава наредби на судот кој е независен и самостоен.

Обвинителниот акт претставува едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривичната постапка. Тој е писмен поднесок кој има исти третман како и приватната тужба во кривичната постапка.

Според тоа, со обвинителниот акт не се одлучува за поединечни слободи и права, односно со него не се одлучува за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот.

Според член 50 став 1 од Уставот на Република Македонија секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите, пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

За заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, гарантирана со член 16 став 1 од Уставот, според член 110 алинеја 3 од Уставот е надлежен да одлучува Уставниот суд на Републка Македонија.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт.

Со оглед на тоа што според означената одредба од Деловникот Судот одлучува за заштита на слободи и права повредени со конечен или правосилен поединечен акт, а обвинителниот акт не претставува конечен или правосилен поединечен акт со кој се одлучува за слободи и права, односно со кој се одземаат или ограничуваат одредени слободи и права, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.168/97)