131/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 септември 1997 година, донесе
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 85 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитрија Атанасовски адвокат од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 85 од Деловникот на Уставниот суд, затоа што не бил во согласност со членовите 108 и 113 од Уставот и со други уставни одредби со кои било уредено прашањето за јавност во работата на државните органи и судовите.

Имено, во Уставот била предвидена можност Собранието на Република Македонија да одлучи со двотретинско мнозинство за работа без присуство на јавноста, меѓутоа за Уставниот суд не била предвидена таква можност.

Понатаму, според Уставот расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата биле јавни, а јавноста можела да се исклучи само во случаите утврдени со закон, при што со ниеден закон не биле утврдени случаи за исклучување на јавноста пред Уставниот суд.

Со оглед на тоа што Уставниот суд одлучувал за акти кои се објавени и со која содржина биле запознати граѓаните, се поставувало прашањето дали дискусијата што се води во Уставниот суд во врска со уставноста и законитоста на таков акт треба да има степен на тајност.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 85 од Деловникот е предвидено дека јавноста во работата на судот на јавната расправа, седницата и подготвителната седница може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна, заштита на јавниот морал и во други оправдани случаи што ги определува Судот.

Инаку, Деловникот содржи посебна глава за јавност во работата, при што како општа норма е утврдено дека работата на Уставниот суд е јавна (член 83) и дека јавноста се обезбедува со известување на јавноста преку средствата за јавно информирање за одржување на јавните расправи, а по оцена на Судот и за одржување на седници и подготвителни седници, со присуство на учесниците во постапката, други лица, органи и организации и претставници на средствата за јавно информирање на јавна расправа, подготвителна седница и седница, како и со соопштенија преку средствата за јавно информирање, со одржување конференции за печат најмалку два пати во годината, со издавање на Билтен и збирка на одлуки.

4. Според член 13 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, подносителот на иницијативата и доносителот на оспорениот акт се учесници во постапката пред Уставниот суд.

Во член 28 алинеја 3 од овој деловник е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни
пречки за одлучување.

Од наведените одредби на Деловникот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, врз основа на член 113 од Уставот на Република Македонија, во постапката пред судот треба истовремено да биде и учесник во постапката и како суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел, што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.131/97)