Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јули 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Стојадин Ваневски од Битола за заштита на слободи и права што се однесуваат на дискриминација по основ на расна, верска и национална припадност.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Стојадин Ваневски од Битола му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на расна, верска и национална припадност повредени со Одлуката за распоредување од наставник по математика во Подрачното училиште во с. Кишава на работно место наставник во библиотека во ОУ “Крсте Мисирков” с.Бистрица со неделен фонд од 6 наставни часа сметано од 5 март 1997 година. Исто така, во барањето се наведува дека за месеците март и април 1997 година на подносителот му било задржано определен износ од платата во вид на казна како и од надоместокот за храна за месец мај 1997 година, без да му се достави решение. Подносителот наведува дека од аналитичката картица може да се утврди дека за означените месеци му било задржувано од платата, но истата не ја доставува.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлука бр.02/50/1 од 12 март 1997 година на Ваневски Стојадин во Битола – вработен на неопределено работно време во ОУ “Крсте Мисирков” во село Бистрица на работно место наставник по математика со полно работно време во подрачното училиште с. Кишава од 1.09.1996 година да се распореди на работно место наставник во Библиотека во ОУ “Крсте Мисирков” с.Бистрица со неделен фонд од 6 наставни часа.
Судот, понатаму, утврди дека на подносителот на барањето му бил задржан определен износ од платата поради отсуство од работно место, а надоместокот за хранирината му бил исплатен сразмерно деновите поминати на работа. Исто така, заради распоредување на наставникот на работно место наставник во библиотека во Основното училиште во с.Бистрица во Битола не му се исплатувал и надоместокот што следувал по основ на отежнати услови за работа во ридско планинските подрачја, затоа што училиштето во с.Бистрица – Битола не спаѓало во таа категорија училишта.
5. Согласно член 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.
Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според мислењето на Судот законитоста на поединечните акти се проценува според правилата со кои се уредува работниот однос во одредена организација и Законот за работните односи и предмет на заштита во овој случај е правилната примена на прописите за распоредување, а не прашања за дискриминација на работниците.
Со оглед на тоа што за овие права одлучуваат други надлежни органи во друга постапка Судот оцени дека барањето излегува вон рамките на надлежноста на Уставниот суд поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.122/97)