Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јули 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за статусот на затекнатите наставници од Педагошката академија во остварувањето на наставно-образовниот процес на Педагошкиот факултет во Скопје, донесена од Матичната комисија за основање на Педагошки факултет во Скопје, на 3 ноември 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ѓорѓи Илиевски од Дебар, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, во која наведува дека со оспорената одлука на затекнатите наставници на Педагошката академија им се овозможувало вршење на наставно-образовна дејност во високото образование без да ги исполнат условите за избор за наставници во високото образование, односно без конкурс и без избор, што не било во согласност со одредбите од Законот за насоченото образование (чл.151, 154, 161 и 165) и со Одлуката за основање на Педагошки факултет за едукација на воспитувачи и одделенски наставници во Скопје на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Предлага Судот да поведе постапка за оценување законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на членот 9 од Одлуката за основање на Педагошки факултет за едукација на воспитувачи и одделенски наставници во Скопје и членот 158 од Статутот на Педагошкиот факултет “Св. Климент Охридски” во Скопје.
Во членот 1 од Одлуката е предвидено дека затекнатите наставници во постојан работен однос на Педагошката академија, ја продолжуваат работата во наставно-образовниот процес на Педагошкиот факултет за предметот по кој се избрани, до 31 декември 2002 година, доколку поинаку не се уреди со закон.
Во членот 2 од Одлуката поименично се наведени наставниците (14 на број) кои, согласно членот 1 од Одлуката, продолжуваат да работат во постојан работен однос, и нивните наставни предмети.
Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека наставниците во дополнителен работен однос продолжуваат со работа, до изборот на соодветен наставник во постојан работен однос.
Според членот 4, во согласност со членот 1 од Одлуката, претседателот на Матичната комисија и в.д. деканот на Факултетот, ќе им издадат решенија на наставниците од член 2 и 3 од Одлуката за нивниот статус на Педагошкиот факултет.
Според членот 5, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.
4. Согласно чл.110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува, помеѓу другото за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно чл.28 ст.1 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, основот на нејзиното донесување и нејзиниот доносител, Судот најде дека истата не претставува пропис за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува, од следните причини:
Оспоренатга одлука е донесена врз основа на чл.9 од Одлуката за основање на Педагошки факултет за едукација на воспитувачи и одделенски наставници во Скопје на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, донесена од Универзитетската управа на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на 13 јуни 1995 год. Според оваа одредба, наставниците на Педагошката академија “Св. Климент Охридски” од Скопје, продолжуваат со работа до 31 декември 2002 година, а пред истекот на овој рок тие можат да преминат во постојан работен однос на факултетот доколку ги исполнуваат условите за избор на наставници и соработници утврдени со закон. Со истата Одлука на Универзитетската управа, во членот 3 е предвидено дека подготовките за почеток со работа на Педагошкиот факултет како самостојна високообразовна установа и изборот на наставници и соработници ги врши матична комисија од 9 члена, формирана од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, која што комисија престанува со работа откако ќе го изврши изборот на потребниот број кадар предвиден со Законот за насоченото образование.
Видно е од содржината на оспорената одлука дека истата се однесува на поименично определен круг лица – 14 наставници затекнати во постојан работен однос на Педагошката академија во Скопје, чиј што статус е решен на начин што е определено дека ќе продолжат со работа во наставно-образовниот процес на Педагошкиот факултет за предметот по кој се избрани, до 31 декември 2002 година.
Со оглед на тоа што оваа одлука не содржи одредби кои уредуваат односи на општ начин, туку претставува поединечен акт кој што се однесува на точно определени субјекти поради што, нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д.-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.104/97)