Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јули 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Заклучокот за издавање на локација бр.597 од 27 април 1993 година, донесен од Собранието на Општина Крива Паланка.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милојче Стоилковски од Крива Паланка, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Заклучокот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него бил изменет Деталниот урбанистички план за Населбата “Баглак” во Крива Паланка со кој била опфатена катастарската парцела бр.844/69 за која биле издадени решение за локација и решение за одобрение за градба.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот заклучок е донесен врз основа на член 14 од Одлуката за утврдување на поблиските услови на градба на објекти на подрачјето на Општина Крива Паланка за време на нејзиното важење, односно пред нејзиното укинување од Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.69/94 од 16 ноември 1994 година.
Судот исто така утврди дека според точката 1 од Заклучокот за издавање на локација за доградба на индивидуална станбена зграда во Крива Паланка, донесен од Собранието на Општина Крива Паланка, број 08-597/93 од 27 април 1994 година, се одобрува локација за доградба на индивидуална станбена зграда на Ул. “Димитар Арсов” во Крива Паланка, сопственост на Душко Стојановски. Во точката 2 од заклучокот е предвидено дека доградбата на индивидуалната станбена зграда ќе биде со габарит 2,5 х 5,0 м. Висина П+1 кат од северозападната страна на постојната индивидуална станбена зграда на улица “Димитар Арсов” бр.18 КП.бр.844/69, во сопствено дворно место,на растојание од ММ1 м од границата на дворното место од северозападната страна.
Според точката 3 од Заклучокот, составен дел на овој заклучок е графичкиот прилог-ситуација во М1 : 1000 кој се наоѓа во Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, а според точката 4, Заклучокот ќе го спроведе истата Подрачната единица.
4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Поаѓајќи од карактерот на оспорениот заклучок, дека со него Собранието на Општина Крива Паланка одлучило за конкретно право (доделува локација на определено лице за доградба на конкретен објект на определена локација), односно со него не се уредуваат односи на општ начин за граѓаните, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за неговата законитост затоа што тој не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.54/97)