215/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 290 став 2 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96 и 7/97).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Слободан Ивановски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 290 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата издавачот на акции (трговските друштва) бил само сервисер на трансакции врз основа на изјавите за отстапување. Обврската која тој ја имал била, врз основа на тоа, да издаде две потврди-една на новиот сопственик и една на стариот сопственик за бројот на акциите кои му преостануваат по преотстапувањето, на дел или на сите на новиот сопственик. Врз основа на оспорената одредба акционерското друштво со статутот можело да утврди одредби кои можеле да предизвикаат неможност сопствениците акциите да ги продаваат на други лица и го инаугурирала издавачот на акции како трет суштински фактор во секоја трансакција помеѓу продавачот и купувачот на акциите со тоа што му се давало право да се согласи или да не се согласи со купопродажбата на акциите. Издавачот на акции, освен тоа што ја водел книгата на акциите со ништо друго не учествувал во сопственоста на акциите. При тоа, подносителот на иницијативата појаснува, доколку ваква законска одредба би постоела во било која држава во која берзите имаат вековна традиција, ниту една од берзите не ќе работела.

Понатаму, подносителот на иницијативата укажува на последиците од примената на оспорената одредба од Законот, односно дека берзата не ќе можела да работи; вонберзанските трансакции ќе биле запрени, освен во самите фирми, во кои директорите со секаков вид закана им одземале акции на вработените и ќе ги пренесувале врз себе; ниту еден сериозен инвеститор од странство, а и домашен не ќе бил во можност со свои пари на берзата да купи дел од некоја фирма или контролен пакет.

Поради наведените причини оспорената одредба не била во согласност со алинејата 7 на член 8, и со ставот 3 на член 30, со ставот 3 на член 54, со ставот 3 на член 55 и со ставот 2 на член 59 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата, по предходно одржана подготвителна седница, утврди дека според оспорената одредба на ставот 2 на член 290 од Законот со статутот преносот на акцијата може да се услови со согласност на друштвото. Согласноста ја дава управниот орган, ако со статутот не е определено поинаку. Со статутот можат да се утврдат условите под кои се дава, односно причините поради кои се одбива давањето на согласноста.

4. Според член 8 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, се и правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемаштвото.

Со член 30 став 1 од Уставот е предвидено дека се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Во ставот 3 на овој член е предвидено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4, во случај на ограничување на сопственоста се гарантира правото на надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 54 став 3 од Уставот ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ, меѓу другото, и на имот.

Во член 221 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96 и 7/97), е предвидено дека акционерското друштво е друштво кое со статутот има определена и на еднакви делови (акции) поделена главнина (основна главнина), во која акционерите учествуваат со по една или повеќе акции и чии што обврски се обезбедени со сиот имот на друштвото.

Акционерите имаат обврски на давања утврдени со статутот и не одговараат за обврските на акционерското друштво.

Од одредбите на овој закон со кои се уредува акционерското друштво може да се отстапува само на начинот и под условите пропишани со овој закон.

Според член 223 од Законот, основната главнина и акциите гласат на денари, а можат во противвредност да бидат изразени и во странска валута, а во членот 225 од овој закон е предвидено дека акциите се хартии од вредност, исправата за акција се издава за секоја акција или за повеќе акции од ист род заедно (збирна акција) и дека акциите спрема акционерското друштво се неделиви.

Во членот 290 од Законот е предвидено дека акциите можат да се пренесуваат со индосамент. За формата на индосаментот, за докажувањето на правото на сопственост на акцијата се применуваат одредбите од Законот, а според оспорената одредба на овој член, со статутот преносот на акцијата може да се услови со согласност на друштвото. Согласноста ја дава управниот орган, ако со статутот поинаку не е определено. Со статутот можат да се утврдат условите под кои се дава, односно причините поради кои се одбива согласноста. Со точката 3 на овој член е предвидено дека преносот на акцијата на друго лице се пријавува кај друштвото.

Од наведените уставни одредби произлегува дека една од основните цели на Уставот е заштитата на сопственоста и слободата на пазарот и претприемаштвото како темелни принципи на државата поради што се мноу битни и вредностите преку кои се обезбедуваат овие уставни принципи – правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемаштвото.

Од наведените законски одредби, како и од целината на Законот за трговските друштва произлегува дека трговското друштво е дефинирано како форма на здружување на две или повеќе физички или правни лица кои вложуваат пари, предмети и права во заеднички имот што го користат за заедничко работење и ја делат заеднички добивката и загубата од работењето. Друштвото има својство на правно лице и тоа е сосема автономно во уредувањето на односите меѓу содружниците, како кога се во прашање имотно-правните односи, така и управувачките односи. Она што е специфично за основањето на трговското друштво е начинот на основањето – договор, односно статут на друштвото со кој се создава правно лице, односно се оформува правен субјект во правниот поредок на Републиката како земја со пазарно стопанство. При тоа, пристапувајќи кон друштвото трговецот мора јасно и недвосмислено да ја изрази својата воља за правата и обврските што произлегуваат од договорот, односно од статутот на друштвото.

Понатаму, од наведените законски одредби произлегува дека акцијата е хартија од вредност која го претставува еден дел од капиталот (основната главница) на друштвото и во која се констатирани правата на акционерите, односно имотните права и управувачките права на акционерот. Според тоа, акционерот не е доверител на друштвото, а акцијата не е облигаторно-правна хартија од вредност туку таа има корпорациски карактер во која се инкорпорирани содржничките права и обврски на акционерот.

Исто така од анализата на Законот за трговските друштва може да се заклучи дека тој во основа не пропишува забрана за отуѓување на акциите. Меѓутоа, поаѓајќи од карактерот на акционерското друштво Судот смета дека право е на акционерите какви односи, односно правила ќе воспостават во друштвото со цел да не се наруши распределбата на моќта на акционерите во друштвото. Според тоа, акционерот со прифаќање на одредбите од статутот слободно ја изразил својата воља па во таа смисла слободно прифатил такво правило во поглед на преносот на акциите надвор од друштвото. Ваквото правило на однесување може да биде диктирано во прв ред од економските интереси на друштвото и несомнено дека со овој механизам се воспоставува рамнотежа меѓу интересите на акционерите.

Исто така, според мислењето на Судот, клаузулата на согласност за пренос на акциите има своја основа и во слободата на претприемаштвото што му овозможува на основачите на друштвото да утврдат услови за здружување. Во таа смисла, ако основачите имаат интерес да воспостават режим на контрола во тргувањето со акциите тие можат да утврдат и услови за промет со акциите и во тој случај не се работи за ограничување на прометот, туку само негово насочување.

Понатаму, поаѓајќи од корпорацискиот карактер на акцијата корпорациона хартија од вредност, Судот смета дека предвидувањето на согласност за пренос на акциите со статутот односно договорот на друштвото не го повредува правото на сопственост,затоа што во случајов не се ограничува сопственоста на имателот на акцијата, туку само се утврдуваат условите за пренесување на содружничките права и обврски на акционерот во акционерскотодруштво што произлегуваат од акцијата.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 290 став 2 од Законот за трговските друштва со означените уставни одредби поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.215/96)