184/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) член 70 точка 29 од Законот за Народната банка на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92, 4/93, 29/93 и 17/96) и

б) член 15-а и член 17 став 2 од Законот за банки и штедилници (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 78/93 и 17/96).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 67 став 1 и став 2 од Законот за Народната банка на Македонија и

3. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста на Решението на Советот на Народната банка на Македонија бр.02-15 ЏЛВИИИ-2/96 со кое се одбива барањето на Најдова Велика од Кавадарци за добивање дозвола за основање на штедилница.

4. На Уставниот суд на Република Македонија, Ѓорѓи Мишев – адвокат од Кавадарци му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актите означени во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот за Народната банка на Македонија, Законот за банките и штедилниците и оспореното решение биле несогласни со Уставот на Република Македонија, затоа што предвидувале по жалба против решението на гувернерот на Народната банка на Македонија да одлучува Советот на Банката чиј член и претседател е гувернерот, со што се повредувало начелото на двостпеност во одлучувањето.

5. Судот на седница утврди дека во членот 70 став 1 точка 29 од Законот за Народната банка на Република Македонија е предвидено дека Советот на Народната банка одлучува по жалба против решение на гувернерот.

Исто така, Судот утврди дека согласно член 17 став 2 од Законот за банки и штедилници против решението на гувернерот на Народната банка, со кое ја одзема дозволата за работа на банката, може да се поднесе жалба до Советот на банката во рок од 8 дена од денот на доставувањето на решението.

Понатаму, Судот утврди дека согласно член 15-а од Законот за банки и штедилници, против решението на гувернерот на банката со кое го одбива или отфрла барањето за издавање на дозвола за основање на банка и штедилница, може да се поднесе жалба до Советот на Народната банка во рок од 8 дена од денот на доставувањето на решението и дека согласно член 17 став 2 од овој закон, против решението на гувернерот со кое ја одзема дозволата за работа на банката, може да се поднесе жалба до Советот на Народната банка во рок од 8 дена од денот на доставувањето на решението.

Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Од оваа одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против наведените акти, со што го обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето.

Имајќи предвид дека Народната банка на Македонија претставува самостоен орган, формиран од Собранието на Република Македонија, односно дека не влегува во рамките на извршната власт, Судот оцени дека одлучувањето на Советот на Банката во второстепена постапка против решението на гувернерот, донесено во првостепена постапка, кога се има предвид дека гувернерот е член и едновремено претседател на Советот, не е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостпеност во одлучувањето.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за уставноста на член 70 точка 29 од Законот за Народната банка на Република Македонија и член 17 став 2 од Законот за банки и штедилници.

6. Судот на седницата, исто така, утврди дека според членот 67 став 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија, Советот на Банката го сочинуваат гувернерот и заменик гувернерот на Народната банка на Македонија и седум члена од редот на стручни и научни работници. Согласно став 2 на овој член од Законот, претседател на Советот на Народната банка на Македонија е гувернерот на Народната банка на Македонија, а во негово отсуство, функцијата претседател на Советот ја врши заменикот на гувернерот.

Согласно член 60 став 3 од Уставот на Република Македонија, организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.

Од оваа уставна одредба произлегува дека прашањата сврзани со организацијата и работата на Народната банка спаѓаат во доменот на надлежноста на законодавната регулатива, односно дека треба да бидат уредени со закони од областа на банкарското работење.

Со Законот за Народната банка на Македонија во оспорениот член 67 став 1 и став 2, решавајќи организациони прашања, предвидел гувернерот и заменик гувернерот на Народната банка, покрај останатите седум члена, да бидат членови на Советот на Банката, со тоа што на гувернерот му определил и функција претседател на овој совет.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со определувањето на вакви решенија во врска со составот на Советот на Народната банка и функцијата на гувернерот во овој совет, законодавецот се движел во рамките на овластувањата што му се дадени со Уставот на Република Македонија, поради што не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба од Законот за Народната банка на Македонија.

7. Во врска со барањето за оценување уставноста на Решението на Советот на Народната банка на Македонија со кое се одбива барањето на Велика Најдова од Кавадарци за добивање дозвола за основање на штедилница, Судот оцени дека тоа не претставува правен акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што како такво излегува надвор од доменот на неговата надлежност.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.184/96)