19/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.90/92), на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Известувањето бр.01-923/1 од 26 април 1995 година од директорот на Републичката геодетска управа-Скопје.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Влатко Велески од Скопје му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение (кој во иницијативата погрешно е означен како “одлука”), наведувајќи дека содржината на оспореното известување била во спротивност со одредбите од член 250 став 1 и 3, 253, 256 и 257 од Законот за парничната постапка, член 242 и 243 од Законот за кривичната постапка и член 18 од Законот за надоместоците на сведоците, вештаците и толкувачите, бидејќи со ова известување се давало овластување на помошниците на директорот, началниците и шефовите на подрачните одделенија за премер и катастар да определуваат стручни лица за вештаци и се определувала цената за извршување на судско вештачење, иако согласно наведените законски одредби вештите лица и висината на надоместокот ги определува надлежниот суд. Понатаму, наведува дека надоместокот за извршеното вештачење, согласно законските одредби, му припаѓа на вештото лице кое е определено од надлежниот суд, а не како што е определено во известувањето овој надоместок да се уплатува на жиро-сметката на Републичката геодетска управа. Предлага Судот да го поништи оспореното известување.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот акт претставува известување од директорот на Републичката геодетска управа на Република Македонија, доставено до Републичката геодетска управа-Одделението за премер и катастар, со кое се известуваат помошниците на директорот, началниците и шефовите од подрачните одделенија за премер и катастар за примена на одлука на директорот на Републичката геодетска управа по однос на вештачењето кое требало да отпочне од 1 мај 1995 година како службен предмет. За таа цел им било укажано на именуваните лица да направат квалитетен и правичен избор од редот на вработените стручни лица. Во известувањето се наведува дека извршената услуга ќе биде вреднувана преку употребените работни часови, теренски и канцелариски, со цел да се обезбеди ист критериум и преку стручните вештачења да се даде квалитет на судските пресуди за тие да бидат спроведливи во катастарските елаборати и операти. Понатаму е определена цената за извршување на судско вештачење по барање на судот за еден предмет кој го решава еден геодетски стручњак во износ од 5.100,00 денари за еден ден и цената за повикување на геодетско стручно лице за судска расправа во износ од 1.500,00 денари, кои што цени е наведено дека важат од 1 мај 1995 година до 30 јуни 1995 година, а по овој период ќе се менуваат зависно од порастот на процентот на животните трошоци, добиен од Заводот за статистика на Република Македонија, при што остварените средства од судските вештачења е определено да се уплатуваат на жиро-сметката на Републичката геодетска управа-Скопје.

4. Согласно одредбите од Законот за процесната постапка (член 251 став 1 и член 252 став 3 и 4), вештачењето го вршат вештаци што ги определува процесниот суд, со тоа што вештачењето може да и се довери и на стручна установа, а доколку постојат посебни установи за определени видови вештачења, такви вештачења, а особено посложените, им се доверуваат на тие установи.

Од содржината на оспореното известување произлегува дека истото се однесува токму на овие случаи кога надлежниот суд вештачењето го доверува на Републичката геодетска управа како стручна установа, при што со ова известување директорот на Републичката геодетска управа, како функционер кој раководи со органот, им дал соодветни упатства и овластувања на раководните лица во одделенијата за премер и катастар во функција на поуспешно спроведување на вештачењата и го определил износот на надоместокот кој што треба да и се плати на Републичката геодетска управа на име трошоци и награда за спроведеното вештачење. Ова известување е од интерен карактер и нема влијание на судот да определува за вештаци и други стручни лица од геодетска струка и да ја определува висината на наградата на овие лица.

Имајќи го предвид интерниот карактер на оспореното известување како акт на организирање на работењето на Републичката геодетска управа, кој што акт не создава обврски и не засега во правата на други субјекти надвор од овој орган, Судот најде дека оспореното известување не претставува пропис за кој што Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.19/97)