Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 април 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 37 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Боривоје Богдановски од Тетово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 37 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него граѓаните се задолжувале да плаќаат три пати надоместок по ист основ: за користење на урбанизиран простор, за употреба на градежно земјиште и за поседување на имот.
3. Судот на седницата утврди дека со Одлука У.бр.148/96 од 25 декември 1996 година го укинал членот 37 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање при што изразил став дека задолжувањето на граѓаните да плаќаат надомест за користење на урбанизиран простор, излегува надвор од овластувањата содржани во Уствот, затоа што по истиот основ граѓаните веќе плаќаат надоместок за употреба на градежно земјиште, а едновремено плаќаат и данок за поседување на имот, што не е интенција на Уставот во смисла на гаранција на принципот на владеење на правото и социјалната правда.
4. Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по неа.
Со оглед на тоа што членот 37 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање бил предмет на уставносудска оценка и истиот бил укинат, односно отстранет од правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што истата треба да биде отфрлена, согласно горе навдениот член од Деловникот ја отфрли.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.63/97)