Вовед
Уставниот судна Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 април 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96), во делот означен како член 19-а.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Владо Николоски од Кичево, за поведување постапка за оценување уставноста на дел од одредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало работниците-технолошки вишок на Стопанска банка – АД Скопје да не ги остваруваат правата од членовите 127 и 129 на Законот за работните односи, што значело нивно ставање во нееднаква, понеповолна, положба во однос на работниците-технолошки вишок кај други работодавци, поради што таа одредба не била во согласност со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот.
Воедно е побарано изрекување на времена мерка за запирање од извршување на поединечно решение со кое на подносителот на иницијативата му престанува работниот однос, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.
3. На седницата Судот утврди дека оспорениот дел од законската одредба бил предмет на оценување од аспект на неговата согласност со уставното начело на еднаквост, при што е одлучено да не се поведе постапка затоа што правата на вработените се уредуваат со закон (член 32 став 5 од Уставот) и што оспорената одредба е донесена во специфични услови односно санација и реорганизација на Стопанска банка – АД Скопје, по што конкретната ситуација се разликува од другите ситуации, па предвидувањето на поинаков, специфичен, рок и критериум за престанок на работниот однос на работниците-технолошки вишок во Банката не може да се смета како нееднаквост на тие работници во однос на работниците кај другите работодавци.
Понатаму, Судот смета дека сега нема основи за поинакво одлучување од она што е порано одлучено.
Со оглед на тоа што оспорениот дел од законската одредба бил предмет на оценување од наведениот аспект, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата пропишани во член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4.Во однос на барањето за изрекување времена мерка, бидејќи не се интервенира во законската одредба нема услови за нејзино изрекување предвидени во член 27 од Деловникот на Судот.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.64/97)