7/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.70/92), на седницата одржана на 2 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 32 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (Службен весник на Република Македонија бр. 80/93, 3/94, 14/95 и 71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Серафим Дукоски и други граѓани од Прилеп, му понесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од член 32 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорениот член, а особено неговиот став 2, доведувал до нееданква положба на граѓаните при утврдувањето на пензиската основа, односно осигурениците што оствариле право на пензија во текот на 1994 година биле оштетени затоа што со ваква пресметана пензиска основа во однос на пресметаната пензиска основа пред и по 1994 година пензиите им биле пониски за околу 2.000,00 денари. При тоа, подносителот на иницијативата појаснува дека просекот на платите во 1993 година, како последна календарска година која и претходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија, во случајов на 1994 година, била пресудна за ниските пензии остварени во 1994 година, затоа што на многу работници во 1993 година личниот доход им се исплатувал и во натура што повлијаело на нивото на платите во 1993 година, според кое се вршело валоризација на платите од поранешните години, односно се утврдувале валоризационите коефициенти за пресметување на пензиската основа во 1994 година.

3. На седницата Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.217/96 од 25 декември 1996 година не поведе постапка за оценување уставноста на членовите 17 став 1, 2, 3 и 4, член 18 член 19 став 3 и членовите 20 до 32 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (Службен весник на Република Македонија бр.80/93, 3/94 и 4/95). При тоа Судот утврдил дека висината на пензиските примања, односно усогласувањето на пензиските примања согласно означениот закон, во одделни периоди од неговата примена, се определувало врз основа на различни критериуми кои во одделен период биле утврдени со посебен закон, односно со Законот за исплата на плати и пензии. Понатаму, во 1995 година е извршена измена на одредбите за начинот на усогласувањето на пензиите, при што како основ за усогласување, наместо просекот на платите на сите вработени во Републиката, е предвидено како основа да се зема просекот на платите на вработените во нестопанството. Според тоа, поради промена на одредени начини на определување и усогласување на пензиските примања, дошло до утврдување на различни пензии во зависност од времето кога е остварено правото на пензија.

Исто така, Судот оценил дека утврдените мерила и критериуми за определување на пензиската основа се однесуваат на сите осигуреници подеднакво кога тие се наоѓаат во иста правна положба, поради што не се повредува принципот на еднаквост.

Тоа што осигурениците не остваруваат еднакви права односно немаат еднаква пензиска основа, туку обемот на тие права и висината на пензиската основа зависи од повеќе елементи, не може да преставува основ за повреда на принципот на еднаквост.

Дали при тоа одделни пензионери кои стекнале право на пензија во различни основи за валоризација на пензиската основа биле доведени во неповолна односно различна положба од други пензионери кои се пензионирале во некој предходен период кога важеле други критериуми за валоризација на платите односно за усогласување на пензиите е фактичко прашање, со оглед на тоа што станува збор за различни законски решенија кои додека важеле еднакво се однесување на сите осигуреници односно корисници на пензија.

Со оглед на изнесеното, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста и на членот 32 од Законот со Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа што Судот по предметот У.бр.217/96 веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.7/97)