Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1993 година (“Службен весник на РМ” бр.10/94).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Томислав Доцевски, Живко Стојковски, Трајан Петровски и Ангел Мисевски, сите од Куманово и Здружението на пензионери во Пробиштип и Кратово, застапувани од Надица Марковска, адвокат од Пробиштип, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата на точката 2 од Решението означено во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Решението на директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија не била во согласност со член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување затоа што усогласувањето на пензиите остварени во 1994 година било извршено со коефициент 41/37%, а не според порастот на платите, односно статистичките податоци за порастот на платите на вработените во Републиката објавени од Републичкиот завод за статистика. Имено, усогласувањето на пензиите од 1 јануари 1994 година според статистичките податоци за порастот на платите требало да се изврши со коефицинетот 66,67%, а не со 41,37% како што е утврдено со оспорената одредба од ова решение.
3. На седницата Судот утврди дека според точката 1 од Решението платите остварени од 1970 до 1993 година кои се земаат за утврдување на пензиската основа се пресметуваат според просекот на платите од 1993 година како последна календарска година која и предходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија, со валоризационите коефициенти кои се пресметуваат врз основа на статистички податоци за движењето на платите на сите вработени на територијата на Републиката. При тоа, се утврдени и валоризационите коефициенти за секоја година, односно од почнувајќи од 1970 до 1992 година, а 1993 година се зема номинално.
Со оспорената точка 2 од ова решение е предвидено дека пензиите пресметани со коефициентите од точката 1 на Решението се сведуваат од просечно на месечно ниво со процент 41,37% што претставува сооднос на 92% од просечната плата за ноември 1993 година и просечната плата за 1993 година.
4. Со член 37 од Законот, кој важеше во време на донесувањето на оспореното решение е предвидено дека усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и од 1 јули во тековната година според движењето на просечната плата на сите вработени на територијата на Републиката и тоа:
– од 1 јануари според движењето на просечната плата на сите вработени во Републиката, остварена за декември претходната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во јуни истата година; и
– од 1 јули според движењето на просечната плата на сите вработени во Републиката, остварена за јуни тековната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во декември претходната година.
Според ставот 3 на овој член усогласувањето на старосната пензија се врши и во роковите пократки од времето предвидени во став 1 на овој член доколку растот, односно падот на платите биде поголем од 5% за еден или повеќе месеци во однос на месецот за кој е извршено последното усогласување, а со ставот 4 од овој член е предвидено дека усогласената пензија од став 3 на овој член припаѓа од првиот ден по месецот за кој е утврден порастот на платите.
Според ставот 4 на овој член, заради примена на став 1 од овој член пензијата остварена во тековната година претходно се усогласува според порастот на платите во јануари таа година во однос на целата претходна година.Усогласувањето на старосната пензија се врши врз основа на објавени податоци од Републичкиот завод за статистика.
Од наведените законски одредби произлегува дека усогласувањето на пензиите има за цел да го следи порастот на платите остварени во Републиката под услови и рокови предвидени со Законот. Меѓутоа, усогласувањето на пезиите остварени во текот на 1994 година според оспорената одредба, односно со процент 41,37% претставува сооднос на платата од декември 1993 година во однос на просечната плата од цела 1993 година. При тоа, нивото на платата за декември е пресметано според одредбата на член 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93). Имено, според оваа одредба пензиите за месец декември 1993 година се исплатуваат во висина на 92% од правото на исплата утврдено за тој месец. Според ставот 2 на овој член, исплатата на пензиите за месец јануари 1994 година и натаму се усогласува со стапката на пораст на трошоците на живот во тековниот месец во однос на предходниот месец намалена на 2,5% процентни поени и 50% од разликата меѓу стварниот и планираниот пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на предходниот месец.
Правото од став 1 на овој член се утврдува во висина на исплатената пензија за месец ноември 1993 година и усогласена со порастот на платите за месец ноември во однос на месец октомври 1993 година.
Заради примената на ставовите 1, 2 и 3 од овој член пензиите остварени во јануари (се мисли јануари 1994 година) предходно се пресметуваат на месечно ниво според достигнатото ниво на усогласеноста на пензиите во месец декември предходната година во однос на целата година.
Според тоа, процентот за усогласувањето на пензиите 41,37% е утврден врз основа на оваа одредба, односно според влијанието на овој закон врз усогласувањето на пензиите.
Со оглед на тоа што врз усогласувањето на пензиите во 1994 година влијаел Законот за исплата на плати и пензии во Република Македонија, кој бил во важност при утврдувањето на процентот на усогласувањето, односно пензиите во 1994 година се усогласени според овој закон, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1993 година со членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.244/96 и 249/96)