Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 март 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Мирослав Грчев – градоначалник на Општина “Центар” во Скопје, поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 15 од Законот означен во точката 1 од ова решение затоа што со него било предвидено ако главниот архитект не даде позитивно мислење на деталните урбанистички планови што ги донесуваат општините од подрачјето на градот постапката за нивното донесување да не може да почне со што било повредено уставното начело за самостојност на општината во вршењето на надлежноста утврдена во член 115 од Уставот.
Исто така, наведува дека задолжителноста на позитивното мислење на главниот архитект на градот по однос на деталните урбанистички планови на општините е во спротивност и со Законот за локалната самоуправа и со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.
3. На седницата Судот утврди дека според член 15 од Законот ако главниот архитект не даде позитивно мислење на деталните урбанистички планови што ги донесуваат општините од подрачјето на градот Скопје, постапката за нивното донесување не може да започне.
4. Во член 114 од Уставот на Република Македонија е определено дека единици на локалната самоуправа се општините.
Според член 117 од Уставот градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа, а според став 2 на овој член, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од значење за градот Скопје, а особено во областа на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и здравствената заштита и други области утврдени со закон.
Согласно член 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) единици на локалната самоуправа се општините и градот Скопје. Општината е единица на локалната самоуправа во која граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа во областите утврдени со Уставот со овој и со друг закон. Градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која се остваруваат заедничките потреби и интереси на граѓаните што произлегуваат од карактерот на градот Скопје како главен град на Република Македонија и како единствена просторна, урбано-економска, политичка и еколошка целина. За градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа ќе се донесе посебен закон. Одредбите на овој закон се однесуваат и на градот Скопје доколку со Законот за градот Скопје не е поинаку определено.
Со член 52 од Законот за локалната самоуправа се утврдени надлежностите на главниот архитект на градот кој: покренува иницијатива за измени и дополнување на деталните урбанистички планови; покренува иницијатива за изработка на урбанистичко и архитектонско-урбанистички планови; дава стручно мислење на деталните урбанистички планови и урбанистичко архитектонските проекти; дава насоки при изработка на архитектонски проекти за да се валоризираат вредности во архитектурата и зачувување на амбиенталните вредности на одделни градски квартови и објекти; дава согласност на архитектонските проекти што се од големо значење за градот; дава согласност за партерно уредување на позначајни објекти или квартови во градот, предлага на советот дополнителни норми и правилници во областа на архитектурата, покренува иницијативи за ревитализација на одредени градски квартови, се грижи за културното и архитектонското наследство и архитектонско обликуваниот изглед на објектите и градот, учествува и во работата на комисиите и телата надлежни за урбанизам и архитектура.
Понатаму, според член 2 од Законот за градот Скопје, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која граѓаните од подрачјето на градот Скопје ги остваруваат заедничките потреби и интереси што произлегуваат од карактерот на градот Скопје како главен град на Република Македонија и како единствена просторна, урбана, економска, политичка и еколошка целина.
Според член 14 став 1 од Законот, за подрачјето на градот Скопје се именува еден главен архитект кој ги врши своите функции на целото подрачје на Градот утврдено со овој закон. Согласно став 2 во општините од подрачјето на градот Скопје се именува главен архитект како и градски совет на архитектурата и канцеларија на главниот архитект, а според став 3 на член 14 од Законот во советот на архитектите на градот Скопје, градоначалниците во општините од подрачјето на грдот Скопје предлагаат по еден член кој треба да биде познат и признат архитект во општината од каде се предлага.
Согласно член 16 од Законот, одредбите од Законот за локалната самоуправа се применуваат во целост за градот Скопје освен оние одредби кои со овој закон се поинаку утврдени.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија покрај другите е и локалната самоуправа, дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која се остваруваат заедничките потреби и интереси на граѓаните што произлегуваат од карактерот на градот Скопје како главен град на Република Македонија и како единствена просторна, урбана, економска, политичка и еколошка средина, дека со посебен закон се уредува организацијата на градот Скопје и надлежноста на главниот архитект.
Притоа, законското решение за наименување еден главен архитект за целото подрачје на Градот има свое оправдување во фактот што градот Скопје иако го сочинуваат седум единици на локалната самоуправа (општините Центар, Кисела Вода, Карпиш, Чаир, Шуто Оризари, Ѓорче Петров и Гази Баба) тој претставува една единствена урбанистичка целина. Со цел, при просторното и урбанистичкото планирање да се спречи влијанието на туѓите архитектури и во проектирањето, а да се заштити градскиот стил оправдано е постоењето на еден главен архитект од чие мислење ќе зависи дали може да започне постапката за донесување на деталните урбанистички планови на општините. Тоа, всушност, значи дека општините од подрачјето на Градот можат да планираат и да предлагаат детални урбанистички планови, меѓутоа за нивното донесување мора претходно да има позитивно мислење од главниот архитект. На тој начин главниот архитект ќе има целосен увид во областа на архитектурата и урбанизмот и ќе може успешно да ја остварува својата надлежност како и да придонесе за поубав и современ изглед на Градот во целина и за зачувување на амбиенталните вредности на одделни објекти и квартови во Градот. Од друга страна, интересите на граѓаните помеѓу општините и Градот во оваа област се усогласуваат преку претставниците во советот за архитектура на градот Скопје кои ги предлагаат градоначалниците на општините од редот на познатите архитекти, а се со крајна цел компетентно и стручно да се води сметка како за интересите на општините од подрачјето на Градот така и за интересите на Градот во целина.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 15 од Законот со означените одредби од Уставот.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека член 15 од Законот за градот Скопје не е во согласност со Законот за локалната самоуправа и Законот за просторното и урбанистичко планирање Судот оцени дека се работи за меѓусебната согласност на законите за што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.20/97)