У.бр.26/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 56, 70 и 78 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 1997 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Никола Јованоски, Блага Тошеска, Борче Дамјаноски и Зоран Ристески сите од Крушево за поведување на постапка за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на политичкото дејствување, повредена со Решението на потпретседателот на Собранието на Општината Крушево за свикување на Прва седница на Советот на општина Крушево за 19 декември 1996 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Никола Јованоски,Блага Тошеска, Борче Дамјаноски и Зоран Ристески сите од Крушево му поднесоа барање за поведување постапка за заштита на слободите и правата наведени во точката 1 од оваа одлука, затоа што по завршувањето на локалните избори за членови на Советот на Општината Крушево на 17 ноември 1996 година, во согласност со член 30 став 1 од Законот за локалната самоуправа, претседателот на Собранието на Општината Крушево, м-р Јован Дамчески, благовремено, за 16 декември 1996 година ја свикал првата конститутивна седница на Советот на Општината Крушево. Меѓутоа, на закажаното место и термин се одзвале вкупно шест членови на Советот (од кои четворицата се подносители на барањето), а другите седум членови на Советот од редот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, заради опструкција од страна на претседателот на Општинската организација на СДСМ-Крушево, инаку избран за градоначалник, не присуствувале на седницата. Напротив, градоначалникот Иван Андрески, во својство на дотогашен потпретседател на Собранието на Општината Крушево, спротивно на одредбата на член 30 став 1 од Законот за локалната самоуправа, нелегитимно, со решение ја свикал првата седница на Советот за 19 декември 1996 година. Со таквото решение како поединечен и конечен акт, според подносителите на барањето, била оневозможена и повредена нивната со Устав загарантирана слобода на политичко дејствување, поради што се бара негово поништување.

4. Судот на седницата утврди дека со Решението за свикување на Прва седница на Советот на Општината Крушево за 19 декември 1996 година, само се свикува седницата и се предлага нејзиниот дневен ред.

Исто така, Судот утврди дека конституирањето на советот на единицата на локалната самоуправа е уредено со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95). Така, според член 30 став 1 од овој закон првата седница на новоизбраниот совет ја свикува претседавачот на советот на единицата на локалната самоуправа од претходниот состав најдоцна во рок од 30 дена од денот на завршувањето на изборите. Според ставот 2 на овој член, ако советот на единицата на локалната самоуправа не се свика во рокот од став 1 на овој член, членовите на советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на советот го конституираат советот 31 ден од денот на завршувањето на изборите, а според став 3 од овој член на Законот, ако седницата не се одржи во рокот од став 2 од овој член ќе се распишат избори за членови на советот, на начин утврден со закон.

Според член 32 став 4 од Законот, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на советот.

Градоначалникот на единицата на локаоната самоуправа, согласно член 44 став 1 од Законот, е должен на советот на единицата на локалната самоуправа да му укаже на неуставноста и незаконитоста на актот, односно одлуката донесени во самостојната надлежност за седум дена, а според став 4 од овој член, ако актот не се усогласи со Уставот и закон, градоначалникот е должен да ја извести Владата на Република Македонија за неуставноста и незаконитоста на актот во рок од 15 дена од денот на неговото донесување.

Според член 68 од Законот, надзорот над законитоста на работата на органите на единиците на локалната самоуправа го вршат Владата на Република Македонија и надлежните министерства.

5. Со Уставот на Република Македонија е воспоставена непосредна уставно-судска заштита на одредени слободи и права на човекот и граѓанинот, во случај на нивна повреда. Така, во член 50 став 1 од Уставот е дадено право на секој граѓанин да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд, врз начелата на приоритет и итност.

Притоа, со член 110 алинеја 3 од Уставот се определени слободите и правата што е надлежен да ги штити Уставниот суд, а како една од тие слободи е и слободата на политичко здружување и дејствување.

Според член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според тоа, со Уставот се создаваат нормативни претпоставки кои се општи и еднакви за сите, со што се обезбедува рамноправна положба на сите граѓани во можноста да се вклучат и да влијаат на вршењето на власта во државата.

Користејќи ја слободата на уверувањето, граѓаните и политички се определуваат со прифаќање или одбивање на определено политичко гледање или движење, со нивно активно поддржување или несогласување, со основање и членување или нечленување во одредени политички партии или здруженија, преку кои ги остваруваат своите политички интереси.

Со уставното гарантирање на слободата на здружување се овозможува правото на човекот и граѓанинот на слободно политичко здружување и дејствување, како и заштита на автономноста на политичките партии од можната репресивна реакција на актуелните носители на власта.

Слободата на здружување се остварува преку означените манифестации, преку кои човекот делува како слободна личност без поставување на идејни бариери за уверувањето и за формите на организирање заради нивно остварување, освен во случај на злоупотреба на оваа слобода заради пропагирање на насилство, агресија и омраза меѓу луѓето.

Слободата на политичкото здружување и дејствување, како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што со Уставот се наведени случаите поради кои може да се ограничи оваа слобода на човекот и граѓанинот, така што надвор од уставно определените случаи Уставот не може да послужи како основа за оневозможување на изразувањето или за присилно насочување на политичките идеи, ставови и уверувања на мислата и на политичкото здружување и дејствување.

Во согласност со уставната концепција за неделивост и меѓусебна поврзаност и условеност на слободите и правата на човекот и граѓанинот, слободата на политичкото здружување и дејствување не е цел сама за себе, туку претставува неопходен услов за потврдување на човекот како слободен поединец во оние случаи кога во заедница со други луѓе има потреба своите уверувања и интереси да ги изразува и остварува преку здруженија на граѓани и политички партии заради учество или влијание врз вршењето на власта. Користењето на слободата на човекот и граѓанинот на политичко здружување и дејствување е условено со остварувањето на истата слобода на другите граѓани.

Исто така остварувањето на слободата на политичко здружување и дејствување не е апсолутна, туку таа слобода мора да се користи во рамките на уставните норми и во уставно предвидените институции, при што не е допуштено со користењето на оваа слобода да се кршат уставните норми и да се рушат уставно-предвидените институции на начин и постапка која излегува надвор од рамките на Уставот.

Според член 114 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според член 115 став 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење. Општината, според став 2 од овој член на Уставот, е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон, а надзорот врз законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според член 3 од Законот за локалната самоуправа граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа непосредно и преку претставници во органите на единиците на локалната самоуправа, а според член 26 од овој закон, советот на единицата на локалната самоуправа, како претставнички орган на граѓаните, го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Според тоа, советниците на советот на единицата на локалната самоуправа, како избрани претставници на граѓаните, врз основа на политичкото здружување и дејствување на граѓаните и политичкиот плурализам, одлучуваат во советот во рамките на надлежностите на единицата на локалната самоуправа.

Тргнувајќи од напред наведеното, а имајќи предви дека со оспореното решение само се свикува седница и се предлага нејзиниот дневен ред, според мислењето на Судот таквиот акт на работење односно дејствие, не претставува повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на политичкото дејствување. Имено, во конкретниот случај, политичкото дејствување значи и определбата да се учествува или не во работата на така свиканата седница и воопшто во работата на советот, да се оспоруваат актите донесени на таквата седница, да се бара надзор над законитоста на работата и слично. Притоа, не е во надлежност на Уставниот суд да се впушта во оценката од (не) законито свикување на Конститутивната седница на Советот и нејзиното одржување.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со оспореното решение не се повредуваат правата и слободите на човекот и граѓанинот политички да се здружуваат и дејствуваат, ниту пак на подносителите на барањето им е оневозможена односно повредена слободата на политичко дејствување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.26/97)