Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 март 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 33 став 1 точка 7 од Законот за вработување (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/87, 18/89, 36/89, 17/91, 12/93 и 78/93).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 27 од Законот за вработување.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Лоза Ласкова од Штип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 27 и 33 став 1 од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение, бидејќи со нив се создавала нееднаквост помеѓу невработено лице кое имало стаж на осигурување до 25 години и невработено лице кое имало повеќе од 25 години стаж на осигурување иако сите овие лица се наоѓале во иста правна состојба – привремено невработени. Поради тоа овие одредби не биле во согласност со членовите 9, 32 став 1 и 54 став 1 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 27 од Законот, паричен надоместок на невработеното лице се исплатува: три месеци ако има стаж на осигурување најмалку девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци; пет месеци ако има стаж на осигурување 14 месеци во непрекинато траење или 24 месеци со прекин во последните три години; седум месеци ако има стаж на осигурување 30 месеци во непрекинатото траење или 50 месеци со прекин во последните пет години; девет месеци ако има пет – седум години стаж на осигурување; дванаесет месеци ако има седум – десет години стаж на осигурување; четиринаесет месеци ако има 10-13 години стаж на осигурување; шеснаесет месеци ако има 13-16 години стаж на осигурување; седумнаесет месеци ако има 16-19 години стаж на осигурување; дваесет и еден месец ако има 19.22 години стаж на осигурување и дваесет и четири месеци ако има 22-25 години стаж на осигурување. На невработеното лице кое има повеќе од 25 години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.
Според член 33 став 1 точка 7 од Законот, правото на паричен надоместок престанува ако на невработеното лице му истече времето за примање на паричен надоместок.
5. Судот, исто така утврди дека со решение У.бр.54/96 од 28 февруари 1996 година, не поведе постапка за оценување уставноста на членот 27 од Законот за вработување. При тоа, Судот оцени дека вработените имаат право на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и дека ова нивно право како и другите права од работен однос се уредува со закон и со колективни договори. Според тоа, право е на законодавецот, уредувајќи го ова право да утврди и услови под кои ќе се исплатува паричниот надоместок. При тоа, законодавецот со оспорениот член 27 од Законот, никому не му го ускратил правото на паричен надоместок туку го определил времето за кое се исплатува овој надоместок во зависност од должината на стажот на осигурувањето. Со оглед на тоа што времетраењето на исплатата на паричниот надоместок е врзано со должината на стажот на осигурување и дека важи за сите корисници на ова право, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 27 од Законот, со членот 32 став 1 од Уставот.
Со оглед на тоа што Судот ја оценил уставноста на член 27 од Законот во однос на неговата согласност со член 32 став 1 од Уставот и не повел постапка, а нема основи за поинакво одлучување ниту во однос на неговата согласност со членот 9 од Уставот, Судот со решение У.бр.91/96 од 17 април 1996 година ја отфрли иницијативата согласно член 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
6. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Од наведеното произлегува дека законодавецот со оспорениот член 27 од Законот, никому не му го ускратува правото на паричен надоместток за време на привремена невработеност, туку определувајќи го времето за кое се исплатува овој надоместок, како единствен критериум ја имал должината на стажот на осигурувањето. Имајќи, предвид дека овој критериум важи за сите корисници на ова право, Судот смета дека не се поставува прашањето за нееднаквост на граѓаните по било кој основ.
Според оспорениот член 33 став 1 точка 7 од Законот, истеченото време за примање на паричен надоместок е едно од основите за престанок на правото на паричен надоместок на невработено лице. Имено ова право престанува и ако невработеното лице во меѓувреме заснова работен однос, одбие стручно оспособување или преквалификација во својата стручна подготовка, оствари право на пензија, ја загуби работната способност, отпочне да издржува казна затвор подолга од шест месеци, и неоправдано два пати едно по друго не се јави во заедницата за вработување или два пати едно по друго не се јави на нејзината покана.
Според тоа, истекот на времето за примање на паричен надоместок како основа за престанок на правото на паричен надоместок е критериум кој важи за сите привремено невработени лица – корисници на ова право, без разлика на должината на времето за кое се исплатува овој надоместок, поради што Судот смета дека не се поставува прашањето за согласноста на членот 33 став 1 точка 7 од Законот со наведените уставни одредби.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.35/97)