У.бр.158/1996

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на урбанистичките единици 6, 8 и 10 (населба Тафталиџе)-Скопје, донесен од Собранието на град Скопје на 28 декември 1994 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.8/93).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка на:

а) Изводот од Деталниот урбанистички план означен во точката 1 од ова решение, број 18-2625/3 од 14 декември 1995 година, издаден од Градскиот комитет за урбанизам, градежништво и заштита на човековата околина-Скопје;

б) Решението за локација број 33-2539 од 14 септември 1995 година, Решението за урбанистичка согласност и главен проект број 33-2539/2 од 9 септември 1995 година и Одоборението за градба број 03-2539/3 од 25 јануари 1996 година, сите издадени од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Подрачна единица Карпош-Скопје.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Иван Паунчев од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актите означени под точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била донесена во постапка пропишана со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање затоа што во примената на Планот се применувал друг графички прилог, а не графичкиот прилог што бил предмет на јавната расправа и кој е усвоен од Собранието на град Скопје. Конкретно, и покрај тоа што воОдлуката било предвидено дека со Планот се потврдуваат постојните индивидуални станбени објекти на Ул. “Букурешка” и Ул. “Осло”- броевите 3-а и помеѓу броевите 19-б и 21, со Извод од урбанистичкиот план издаден од Градскиот комитет за урбанизам на комунално-станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина на град Скопје и оспорените решенија на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Подрачна единица Карпош-Скопје, патеката со ширина од 2м. и должина од 25 м. била дислоцирана од КП.3685 (до објектот 19-а), преку КП.3684 во КП.3683 (која припаѓала на објектот 21). Понатаму, во иницијативата се наведува дека со измените на Планот му биле повредени и сопственичките права на подносителот со тоа што спорната патека навлегува во границите на парцелата на која е изграден неговиот станбен објект.

4. На седницата Судот утврди дека јавната расправа по Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на урбанистичките единици 6, 8 и 10 (населба Тафталиџе)-Скопје, со излагање на Планот, била одржана во Месната заедница “Владо Тасевски” на 26 април 1993 година, во Месната заедница “Тафталиџе 1” на 21 април 1993 година и во Месната заедница “Тафталиџе 2” на 20 април 1993 година. Исто така, Судот утврди дека немало предлози ниту забелешки на Планот во поглед на урбанистичкото решение утврдено во точката 44 од Одлуката и графичкиот прилог на оваа одлука.

Од графичкиот прилог на Одлуката Судот утврди дека постојните станбени објекти на улицата “Букурешка” и улицата “Осло” се потврдуваат, со тоа што патеката е вцртана помеѓу објектот на КП.3685 и КП.3684 и на КП.3686.

Со акт бр.20-4830 од 13 септември 1993 година на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина е дадена согласност на Планот.

Понатаму, Судот утврди дека при реализација на Планот е издаден извод од урбанистичкиот план бр.18-2625/3 од 14 декември 1995 година од Градскиот комитет за урбанизам, според кој патеката е преместена помеѓу објектот на КП.3685, 3684 и на КП.3686, а не спрема станбениот објект на КП.3683, како што е вцртана во графичкиот прилог на усвоената одлука.

Врз основа на Изводот од урбанистичкиот план на Стефановска Љубица, сопственик на станбениот објект што е изграден на катастарските парцели 3685 и 3684 е издадена урбанистичка документација (Решение за локација бр.33-2539 од 14 септември 1995 година, Решение за урбанистичка согласност и главен проект бр.33-2539/2 од 9 септември 1995 година и одобрение за градба У.бр.33-2539/3 од 25 јануари 1996 година – сите од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Карпош), со која и се одобрува изградба на дворна ограда на локацијата на КП.3684 и КП.3685, спрема станбениот објект на КП.3683.

5. Според член 13 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90), кој важеше во време на донесувањето на оспорениот детален план, како видови на урбанистички планови се предвидени основниот урбанистички план, деталниот урбанистички план, урбанистичкиот проект и урбанистичкиот план за помало место.

Според член 19 став 2 алинеја 3 од истиот закон деталниот урбанистички план содржи план за ориентациони габарити на објектите, односно површините за изградба на објектите, градежни линии, нивелациони решенија, максимална висина на објектите, план на парцелација на новоизградените објекти, услови за спречување на архитектонските бариери и други услови за изградба на објектите.

Со член 31 од овој закон е предвидено нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, така што планот се изложува во месната заедница најмалку 15 дена, а потоа во рок од 15 дена се примаат забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти изразени во писмена форма. Во член 32 од Законот е предвидено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително се доставува на согласност до републичкиот орган надлежен за работите на урбанизмот. Со членот 34 став 2 од Законот е предвидено дека собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а според член 37 став 2, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на тие планови.

Од изнесените законски одредби произлегува дека сите видови урбанистички планови, како и нивните измени и дополнувања, се донесуваат во иста постапка, односно по претходно организирана јавна расправа со излагање на планот во месната заедница, дадена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и други соодветни согласности или мислења што ги предвидува законот.

Поаѓајќи од изнесената фактичка состојба и законските одредби, Судот утврди дека оспорениот детален урбанистички план е донесен во постапка пропишана со Законот кој важел во времето на неговото донесување поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.

6. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според мислењето на Судот Изводот од оспорениот детален урбанистички план не претставува пропис во смисла на означената уставна одредба со кој се менува урбанистичкиот план, туку доказ во постапката пред надлежните управни органи, односно доказ во постапката за тоа, дали поединечните акти за чија законитост одлучува Врховниот суд на Република Македонија, се во согласност со деталните урбанистички планови.

Исто така, според мислењето на Судот и Решението за локација број 33-2539 од 14 септември 1995 година, Решението за урбанистичка согласност и главен проект број 33-2539/2 од 9 септември 1995 година и Одобрението за градба број 03-2539/3 од 25 јануари 1996 година, сите издадени од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Карпош-Скопје, не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку за нивната законитост одлучува Врховниот суд на Република Македонија.

Со оглед на тоа што Изводот од оспорениот детален план и означените решенија не претставуваат прописи Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нивната законитост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.158/96)