24/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 44, 45, 46, 47 и 48 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.30/79, 17/79, 37/80, 18/89 и 21/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Борис Павловски од Скопје и Трајан Николовски од Куманово, му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на членовите 44, 45, 46, 47 и 48 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се ограничувало правото на сопственост и сопствениците на станови и семејни згради биле третирани како корисници а не како сопственици и ги задолжувал да плаќаат надоместок за употреба на градежно земјиште, што надоместокот се плаќал за употреба на сопствено градежно земјиште кое било стекнато по основ на купопродажба и што надоместокот кој се плаќал за употреба на градежно земјиште бил повисок од данокот на имот што се плаќал годишно.

3. На седницата Судот утврди дека според член 9 од Законот за градежно земјиште градежното земјиште е на Републиката.

Според член 42 од Законот, при издавање на дозвола за градба се плаќа надомест за уредување на градежното земјиште, сразмерно на вкупните трошоци за уредување, а според членовите 44, 45 и 48 собранието на општината може да утврди надомест за употреба на градежно земјиште според единица површина, посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор кој се утврдува од погодностите што изграденото земјиште му ги пружа на корисникот (положба, инсталација и друго).

Според член 46 од Законот, средствата од надоместот за употреба на градежното земјиште се користат за намени утврдени со програмата за уредување на градежното земјиште.

Во член 47 се утврдени случаи во кои не се плаќа надоместок за употреба на градежно земјиште (згради за потребите на народната одбрана, згради наменети за дипломатски и конзуларни потреби и сл.).

Исто така, Судот утврди дека со Решение У.бр.169/94 од 25 октомври 1994 година не повел постапка за оценување уставноста на членовите 44, 45, 46, 47 и 48 од наведниот закон, при што изразил мислење дека тргнувајќи од член 56 од Уставот на Република Македонија со закон може да се утврди дали градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и да се утврдат условите и начинот на користењето на градежното земјиште. Во тие рамки, според мислењето на Судот, може да се утврди обврска за плаќање надомест за уредување и употреба на градежно земјиште заради оспособување на градежното земјиште за градба односно заради погодностите што на корисникот му ги дава изграденото градежно земјиште независно од околноста што со друг закон е можно да се пропише и обврска за плаќање данок на имот за згради кои се наоѓаат на тоа земјиште.

Со оглед на тоа што Уставниот суд ги оценувал оспорените одредби од Законот за градежното земјиште, а по повод новите иницијативи не наоѓа основ за поинакво одлучување, Судот согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.24/97)