5/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 66 став 2 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95) и уставноста и законитоста на член 8 став 2 од Одлуката за стапките и основиците за пресметување и плаќање на придонесите за здравствено осигурување во Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/91, 32/92 и 48/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители на Македонија од Кочани му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 66 став 2 од Законот и уставноста и законитоста на член 8 став 2 од Одлуката означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби како и со одредбите на членовите 18 и 19 од Законот за здравствената заштита земјоделските осигуреници не биле изедначени во правата од здравствената заштита со работниците и другите осигуреници. Имено, во Законот не било содржано правото на надоместок на плата за време на привремена спреченост во сите случаи во кои тоа право го користеле осигурениците од член 12 од Законот, не било вградено правото на користење на надомест при породилно боледување на жените како земјоделски осигуреници, а придонесите што земјоделците ги плаќале биле како и за осигурениците работници па и повисоки. Бидејќи при измените и дополнувањата на Законот не биле почитувани основните начела на праведност и еднаквост, земјоделските осигуреници биле доведени во нееднаква положба, со што се нарушувал принципот на еднаквост содржан во член 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 11 од Законот за здравствена заштита се утврдуваат правата на осигурениците што се обезбедуваат во основната здравствена заштита, а во член 12 од Законот се опфатени кругот на осигурениците на кои им се обезбедуваат правата од основната здравствена заштита, меѓу кои се и граѓаните кои се занимаваат со земјоделство (став 1 точка 4 од овој член на Законот).

Со член 18 од Законот се определуваат случаите поради кои осигурениците – работници имаат право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа. Во овој член осигурениците-земјоделци не се опфатени, туку тие се опфатени во членот 19 од Законот, според кој тие имаат право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа во случај на доброволно давање на крв, ткиво и органи и изолираност заради спречување на зараза.

Според оспорениот член 66 став 2 од Законот, ако осигуреникот-земјоделец со придонесот од катастарскиот приход не обезбедува средства најмалку во висина на придонесот што осигуреникот-работник го обезбедува од висината на најниската цена на работната сила утврдена со соодветниот колективен договор, дел од средствата за здравствено осигурување се обезбедуваат и со придонес кој се утврдува по член на семејство на земјоделецот.

Со оспорениот член 8 став 2 од Одлуката за стапките и основиците за пресметување и плаќање на придонесите за здравствено осигурување во Македонија, се уредува дека ако осигуреникот-земјоделец со придонесот од катастарскиот приход не обезбедува придонес за здравствено осигурување најмалку во висина на придонесот што осигуреникот-работникот го обезбедува од висината на најниската цена на работната сила утврдена со колективен договор, плаќа и придонес за здравствено осигурување по член на семејство во висина од 2,8% од бруто износот на најниската цена на трудот, но вкупно не повеќе од 8,6% од бруто износот на најниската цена на трудот, за сите членови на семејството.

4. Тргнувајќи од барањето со иницијативата и причините за оспорување наведени во иницијативата, а имајќи го предвид фактот дека со оспорените одредби не се уредуваат прашањата што се предмет на иницијативата, односно тие немаат содржина каква што им придава подносителот на иницијативата и дека покренатите прашања со иницијативата, според мислењето на Судот, претставуваат барање за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, што е во надлежност на Собранието на Република Македонија, а не на Уставниот суд, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.5/97)