6/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17 став 1, 2, 3 и 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Сл.весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 17 став 5 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Томислав Силјановски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 17 од законот означен во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со него се создавала нееднаквост меѓу осигурениците мажи и жени, поради тоа што било предвидено со различни години на старост да остваруваат право на пензија. Исто така, се создавала нееднаквост и се повредувало начелото на социјална правда меѓу осигурениците кои остваруваат право на старосна пензија во различни години. Имено, во 1993 година мажите можеле да остварат право на старосна пензија со навршени 60 години старост, а во 1996 година со 61,5 година старост, при што секоја година се зголемувала старосната граница и осигурениците во различни години остварувале право на пензија под различни услови.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 17 од Законот се утврдени условите за стекнување на старосната пензија. Така, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 63 години живот (маж) односно 60 години живот (жена) а најмалку 20 години пензиски стаж (став 1).

Во став 2 од член 17 на Законот е предвидено дека во преодниот период од 1 јануари 1994 година до 31 декември 1998 година (маж) односно до 31 декември 2002 година (жена) старосната граница за стекнување право на старосна пензија постепено се зголемува за 6 месеци.

Во став 3 на овој член од Законот е предвидено дека осигуреникот кој не исполнил пензиски стаж од 20 години стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 65 години живот (маж) односно 63 години (жена) и најмалку 15 години стаж на осигурување.

Во став 4 на означениот член од Законот е предвидено во преодниот период од 1 јануари 1994 година до 31 декември 1998 година старосната граница за жена да се зголемува исто така за 6 месеци.

Во став 5 на член 17 од Законот е предвидено осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 40 години (маж) односно 35 години (жена) пензиски стаж без оглед на годините на живот.

Исто така, Судот утврди дека веќе ја оценувал уставноста на член 17 став 5 од Законот и со Решенија У.бр.133/95 и У.бр.257/96 не повел постапка, односно ја отфрлил иницијативата, со образложение дека разликите во правата што произлегуваат од тоа дали осигуреникот е жена или маж, произлегуваат од нивната фактичка нееднаква положба и со тие разлики не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните, ниту содржат дискриминаторски однос кон осигурениците од машкиот пол, тука всушност претставува справедливо решение поради понеповолната положба на жената во однос на мажот кој произлегува од нејзината посебна положба во остварувањето на улогата на мајчинство. Во таа смисла, скратувањето на работниот век на жената-работник за остварување на право на старосна пензија или поголем процент во висината на инвалидската пензија за помалку години живот, е во функција на остварување на еднаквост со мажот, а не дека мажот се става во понеповолна положба односно дека тој е во дискриминирана положба во однос на жената.

5. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност, а според ставот 3 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјаниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор во уредувањето на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Тргнувајќи од овластувањето на законодавецот да ги утврди сите релеванти односи од значење за остварувањето на правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување негово право е да ги утврди условите за стекнување право на старосна пензија, без при тоа да задира во основните права на човекот и граѓанинот, па ни во правото на старосна пензија како едно од основните права од пензиското и инвалидското осигурување.

Начелото на еднаквост прокламирано со Уставот не значи ограничување за законодавецот да утврди различни решенија за остварување на одредени права зависно од општествено-економските прилики.

Тоа што одредени осигуреници во оделен период треба да исполнат различни услови во однос на други осигуреници кои порано го оствариле или покасно ќе го остварат правото на пензија, не значи повреда на уставното начело на еднаквост, со оглед на тоа што нееднаквоста не е последица на одредени лични особини утврдени во член 9 од Уставот (пол, раса, боја на кожа, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба), туку е последица на одредени општествено економски прилики во кои е донесен законот, а кои налагаат одредени преодни решенија за создавање нормативни и материјални можности за остварување правото на пензија.

Притоа, Судот смета дека со утврдувањето на различни услови за остварување на правото на пензија во определен преоден период не се повредува уставното начело на еднаквост, затоа што правото на пензија се стекнува во различен период, а во ист период сите осигуреници под еднакви услови го остваруваат правото на пензија.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека право е на законодавецот да ги утврди критериумите, па во тие рамки и старосната граница за остварување на правото на пензија, кои критериуми еднакво се однесуваат на сите осигуреници и со кои не се попречува остварувањето на правото на пензија, поради што не би можело да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со уставното начело на еднаквост.

6. Во однос на наводите од иницијативата дека оспорените законски одредби биле предвидени различни услови за остварување на правото на пензија за мажите и за жените, со што меѓу нив се создавала нееднаквост, Судот оцени дека со оглед на тоа што веќе одлучувал за спорното прашање по повод на оваа иницијатива нема основ за поинакво одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Решението под точка 1 Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.6/97)