225/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95 и 71/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Никола Тодоров од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 37 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тој не бил во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија, со оглед на тоа што новите пензионери се ставаат во поповолна положба во однос на старите пензионери. Имено, правата на пензионерите се ограничуваат со оспорените одредби затоа што усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството, наместо според движењето на просечната плата на сите вработени на територијата, како што било предвидено во член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Правата на пензионерите се ограничуваат и со одредбата на став 2 од оспорениот член, според кој усогласувањето на пензиите се врши од 1 јануари односно 1 јули почнувајќи од исплатата на пензиите јануари односно јуни тековната година , а не како порано исплатата да се врши од 1 јануари односно 1 јули без оглед за кој месец се исплатува пензијата и без оглед колку пензии биле исплатени во претходните шест месеци. Со одредбата на став 2 пензионерите се оштетени поради тоа што во случај на задоцнување на исплата на пензиите, како сега, треба да се чека и до два месеци на усогласување.

3. На седницата Судот утврди дека во член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување е предвидено , членот 37 став 1 се менува и гласи: “Усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и од 1 јули тековната година според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката.

– Од 1 јануари според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката остварена во декември претходната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во јуни истата година

– Од 1 јули според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката остварена во јуни тековната година во однос на порастот на плата во нестопанството остварена во декември претходната година. По став 1 се додава став 2, кој гласи:

“Усогласувањето од став 1 на овој член се врши почнувајќи од исплатата на пензијата за јануари, односно јули тековната година.

Во став 3 бројот 2 се заменува со бројот 3.

Во став 4 точката на крајот се заменува со запирка и се додаваат зборовите: “земајќи ги предвид и влијанијата на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон”.

4. Според член 34 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според член 35 став 1 Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на социјална сигурност како едно од основните права на граѓаните а во тие рамки и правото на пензиското и инвалидското осигурување.

Со цел да се оствари ова право во Законот за пензиското и инвалидското осигурување е востановено задолжително пензиско осигурување а остварувањето на правото на пензија се врши во зависност од должината и обемот на вложување на средства за пензиско и инвалидско осигурување.

Според член 19 од Законот, старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (пензиска основа).

Со ставот 2 на овој член е предвидено дека како година на осигурување од која се зема платата за утврдување на пензиската основа се зема календарската година во која осигуреникот остварил плата, односно надоместок на плата за најмалку шест месеци стаж на осигурување.

Според ставот 1 на член 32 од Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/96), платите од поранешните години кои се земаат за утврдување на пензиската основа се валоризираат со коефициентите пресметани врз основа на движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Република Македонија, а според ставот 2 на овој член, валоризацијата на платите од поранешните години според кои се утврдува пензијата, се врши според просчната плата во последната календарска година која и претходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија.

Со ставот 3 од овој член е предвидено дека коефициентите за валоризација на платите од поранешните години се утврдуваат секоја година единствено за сите плати врз основа на статистичките податоци за движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Република Македонија, а според ставот 4 на овој член, коефициентите за валоризација ги утврдува фондот со општ акт.

Според член 33 од Законот пензијата се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж.

Од наведените законски одредби несомнено произлегува дека висината на пензијата се определува од пензиската основа и должината на пензискиот стаж. Според тоа, Законот е дециден во утврдувањето на условите според кои се определува висината на пензијата, односно освен пензиската основа и пензискиот стаж не предвидува други услови.

Од друга страна законодавецот, во рамките на остварување на социјалната сигурност на граѓаните со оспорениот член го уредил и прашањето за основот и начинот на усогласувањето на пензиите кои реално треба да го следат порастот на платите.

Според тоа, поаѓајќи од фактот што пензијата се утврдува од должината на пензискиот стаж и обемот на средствата за пензиско и инвалидско осигурување и од овие елементи зависи висината на пензијата, а усогласувањето на пензиите се врши на ист начин за сите корисници на пензии без оглед на тоа дали тие пензијата ја оствариле по основ на работа во стопанството или нестопанството и целта на тоа усогласување е пензиите да го следат порастот на платите, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со начелото на еднаквост и со наведените одредби од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека усогласувањето на пензиите се врши од 1 јануари односно од 1 јуни почнувајќи од исплатата на пензиите јануари односно јуни тековната година, а не како порано кога исплатата се вршеше од 1 јануари односно 1 јуни без оглед за кој месец се исплатува пензијата и без оглед колку пензии биле исплатени во претходните шест месеци, Судот смета дека усогласувањето на пензиите според оспорената одредба, е со индексација пензиите да се сведат од просечно на месечно ниво, на кој начин се овозможува пензиите веднаш да се усогласат. Таквиот начин на усогласување значи зголемување, а не намалување на пензиите со што се обезбедува социјална сигурност на граѓаните.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.225/96)