113/1996-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеа 1од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.03-162/1 од 5.05.1995 година и Одлуката бр.03-193/1 од 27.09.1995 година, донесени од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.03-509/3 од 15.12.1995 година, донесена од Јавното комунално претпријатие “Стандард” – Дебар.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Менсур Абдулаи од Дебар, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите со кој бил воведен комунален придонес во износ од 45,00 денари, од кои 30,00 денари на име комунален придонес и 15,00 денари за покривање на трошоците за плата на вработено лице за уништување на кучиња скитници, кои што средства се наплаќале преку сметките на Јавното комунално претпријатие “Стандард” – Дебар, како и за износот од 20,00 денари кој што Јавното комунално претпријатие “Стандард” – Дебар го наплаќал за пресметката на фактурите.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената Одлука бр.03-162/1 од 5.05.1995 година, донесена од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар, била воведена обврска за сите граѓани на градот Дебар да плаќаат износ од 30,00 денари месечно, почнувајќи од месец мај 1995 година, заради обезбедување на дел од средствата кои биле потребни за изведување на работите за обезбедување на вода за пиење на делови од градот Дебар, со тоа што овие средства биле наплаќани од граѓаните од страна на Јавното комунално претпријатие “Стандард” – Дебар, преку сметките за вода и смет.

Со Одлуката бр.03-193/1 од 27.09.1995 година, донесена од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар, била воведена обврска за сите домаќинства во град Дебар да плаќаат износ од 15,00 денари месечно, почнувајќи од месец март 1996 година, како дел од средствата кои биле потребни за обезбедување на плата на работник за вршење на работни задачи – уништување на кучиња скитници, кој што износ, исто така, бил наплаќан преку сметките за вода и смет.

На донесувањето на оспорените одлуки не му претходела постапка за воведување на самопридонес со изјаснување на граѓаните по пат на референдум, туку истите биле донесени на начин што за проблемот за проширувањето на водоводната мрежа и за уништувањето на кучињата скитници било повеќе пати расправно во месните заедници на градот, а потоа проблемот бил разгледан и во Општинскиот одбор на месните заедници. По извршените консултации во месните заедници во градот, била одржана проширена седница на Општинскиот одбор на месните заедници, каде што присутните едногласно одлучиле граѓаните да учествуваат со финансиски средства во реализирањето на наведените работи, кое што мислење потоа било поддржано и на седниците на Советите на месните заедници од градот.

Понатаму, Судот утврди дека изност од 20,00 денари кој Јавното комунално претпријатие “Стандард” – Дебар го наплаќало за пресметка за сметките, бил наплаќан врз основа на одлуката означена во точката 2 од ова решение, со која било определено дека висината на трошоците за пресметување на сметките за наплата на надоместок за потрошена вода и дигање на смет изнесува 20,00 денари, која што цена била утврдена врз основа на стварните трошоци за пресметување на сметките и се наплаќала паушално од секое домаќинство.

5. Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Согласно Законот за општите начела на самопридонесот (“Службен весник на СРМ” бр.27/78), работните луѓе и граѓаните можат со самопридонес да здружуват средства и труд за задоволување на определени заеднички интереси и потреби во месната заедница, односно општината во согласност со општите начела утврдени со овој Закон.

Членот 2 од овој Закон утврдува дека самопридонес може да се воведува заради остварување на заеднички интереси и солидарно задоволување на заедничките потреби на работните луѓе и граѓаните од напосреден интерес за животот и работата на луѓето и нивните семејства во месната заедница во областа на уредувањето на населбата, станувањето, комуналните дејности, детската и социјалната заштита, образованието, културата, физичката култура, заштита на потрошувачите, заштитата и унапредувањето на човековата околина, народната одбрана, општествената самозаштита и другите области на животот и работата. Согласно членот 3 став 2, самопридонесот може да се воведе и за подрачјето на општината како целина ако служи за остварување на заедничките интереси и за задоволување на заедничките потреби на работните луѓе и граѓаните во таа општина.

Според член 6 од овој Закон, за воведување на самопридонес за подрачјето на месната заедница односно за подрачјето на општината како целина, работните луѓе и граѓаните одлучуваат со референдум.

Согласно член 17 од овој Закон, самопридонесот се смета за воведен ако за него со референдум (односно со писмени изјави ако се работи за станбен блок, улица или слично), се изјаснат повеќе од половината од работните луѓе и граѓаните запишани во избирачкиот список на подрачјето за кое се воведува самопридонесот.

Од содржината на оспорените одлуки бр.03-162/1 од 5.05.1995 година и 03-193/1 од 27.09.1995 година, донесени од Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар, како и од наводите во одговорите на иницијативата, Судот утврди дека со овие одлуки била воведена обврска за граѓаните на градот Дебар да плаќаат износ од 30,00 денари, односно 15,00 денари, на кој што начин била воведена јавна давачка без за тоа да постои законски основ, со оглед на тоа што, согласно цитираните уставни и законски одредби, единствено Собранието на Република Македонија е овластено да воведува јавни давачки (член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот), што

значи дека Општинскиот одбор на месните заедници – Дебар не е овластен да воведува даноци и јавни давачки за финансирање на јавни потреби, а пак постапка за воведување на самопридонес по пат на референдум воопшто не била спроведена, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

По однос на делот од иницијативата во кој е оспорена Одлуката бр.03-509/3 од 15.12.1995 година со која јавното комунално претпријатие “Стандард” – Дебар ги утврдило трошоците за изготвување на пресметките во висина од 20,00 денари, со оглед на тоа што со оваа одлука Јавното претпријатие на паушален начин ги утврдило стварните трошоци при изготвувањето на сметките во висина од 20,00 денари, кој што износ се наплаќа подеднакво од сите корисници, судот оцени дека не може да се постави прашањето за законитоста и уставноста на оваа одлука од аспект на начелото на еднаквост. Дали износот од 20,00 денари претставува стварна вредност на трошоците при изготвувањето на пресметките е фактичко прашање за кое овој Суд не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.113/96)