188/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 75 став 3 од Колективниот договор за рудници и индустрија на неметали, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од хемиската индустрија и неметали на Македонија и Одборот на работодавачите од Здружението на рудниците и индустријата на неметали при Стопанската комора на Македонија во ноември 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/95).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 73, 74, 75 став 1, 2 и 4, 76, 77, 78, 79, 80, 81 и 82 од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 42 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, склучен помеѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и Одборот на работодавачите при Стопанската комора на Македонија на 1 јуни 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94).

4. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Тодор Пљаков-адвокат од Велес, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 75 став 3 од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се определува приговорот на работникот, поднесен против решението за упатување на работникот на привремен принуден одмор, да не го задржува извршувањето на решението, што не било во согласност со член 135 од Законот за работните односи.

На седницата Судот утврди дека оспорената одредба предвидува оти приговорот поднесен против решението за упатување на работникот на привремен принуден одмор не го одлага извршувањето на решението.

Според член 135 од Законот за работните односи работникот има право да поднесува барање заради остварување на своите права од работниот однос (став 1), а поднесувањето на барањето го задржува извршувањето на одлуката до донесувањето на конечна одлука кај работодавецот, освен во случаите утврдени со закон (став 3).

Со оглед на тоа што со член 75 став 3 од Колективниот договор за рудници и индустрија на неметали се предвидува дека приговорот на работникот против решението за упатување на привремен принуден одмор не го задржува извршувањето на решението, пред Судот се постави прашањето за неговата согласност со означената законска одредба.

5. Понатаму, со иницијативата се оспоруваат одредбите од колективните договори означени во точките 2 и 3 од ова решение, затоа што со нив се предвидува работникот да може да биде упатен на привремен принуден одмор при што му се намалува платата до 30%, што значи намалување на правата на работниците утврдени со член 32 ставовите 1 и 4 од Уставот на Република Македонија како и со членовите 40-45 од Законот за работните односи, поради што оспорените одредби не биле во согласност со наведените уставни и законски одредби.

На седницата Судот утврди дека со одредбите на членовите 73 – 82 од Колективниот договор за рудници и индустрија на неметали, се регулираат прашања во врска со привремениот принуден одмор.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 14/95), под работен однос се подразбира договорен однос меѓу работникот и работодавецот заради вршење на определени работи и остварување на правата и обврските од тој однос, а според член 2 од Законот, работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор. Според член 84 став 1 од Законот, со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос.

Од изнесените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека, покрај со закон, и со колективни договори се уредуваат права и обврски од работен однос помеѓу работникот и работодавецот, па предвидувањето на привремен принуден одмор во колективните договори, иако таков одмор не е предвиден со Законот, не е во несогласност со означените уставни и законски одредби.

Од тие причини, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Во однос на член 42 од Општиот колективен договор, Судот утврди дека со него се предвидува работодавецот да може да организира привремен принуден одмор согласно условите утврдени со колективен договор на ниво на гранка или на ниво на работодавец, при што надоместокот на платата за тоа време е вовисина утврдена со наведените колективни договори, но не помалку од 70% од платата на работникот остварена во претходниот месец. Понатаму, Судот утврди дека оваа одредба била предмет на оценка, при што со Решение У.бр.197/96 од 20 ноември 1996 година Судот не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост од напред наведените причини.

Со оглед на тоа што наведената одредба била веќе оценувана, а Судот не наоѓа основи за поинакво одлучување, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, се одлучи како во точката 3 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.188/96)