Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 јануари 1997 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 44 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 37/80 и 21/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Јосиф Кованцалиев од Гевгелија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 44 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било предвидено Собранието на Општината да утврдува надоместок за употреба на градежно земјиште, а таков надоместок кој бил поповолен за граѓаните предвидувал и Законот за просторното и урбанистичкото планирање со што била воведена двојна давачка по ист основ, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека ја оценувал уставноста на член 44 од Законот за градежното земјиште и со Решение У.бр.7/96 од 31 јануари 1996 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.
Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорениот закон, а нема причини за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во врска со наводот во иницијативата дека и со член 37 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање бил воведен надоместок за уредување на урбанизиран простор со што било овозможено двојно плаќање на давачка по ист основ, Судот оцени дека овој навод во иницијативта сега е неоснован, затоа што одредбата која овозможуваше двојно плаќање на давачка по ист основ Судот со одлука У.бр.6/96 ја укина.
Дали, пак, во конкретни ситуации како што наведува подносителот на иницијативата член 37 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање е поповолен за граѓаните и дека треба да остане во правниот поредок, а да се укине член 44 од Законот за градежно земјиште е прашање за кое Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.226/96)