Вовед
Уставниот суд на Република Македонија,врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот на Собранието на Република Македонија бр.08-1901/11 од 4 јуни 1996 година, со кој е одбиен предлогот за распишување референдум за предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија.
2. Ова решение да се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Радослав Димитријоски од Прилеп; Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО – Демократска партија за Македонско-национално единство и Петар Гошев, претседател на Демократската партија, во име на Координационот одбор на иницијаторите за остварување на граѓанската иницијатива – 150.000 индивидуални предлози за распишување на референдум со прашањето: “Дали сте за распишување на предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија што би се одржале до крајот на 1996 година”, и Софрон Георгиевски од с. Очипала-Делчево, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорениот заклучок не бил во согласност со член 73 став 3, член 2 став 2, член 8 став 2, член 63 став 6, член 68 став 1 алинеја 10 и 19 од Уставот на Република Македонија и член 7 став 1 од Законот за републички референдум, во врска со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за републички референдум.
Како причина за оспорување, иницијаторите го наведуваат тоа дека со оспорениот заклучок, спротивно на член 73 став 3 од Уставот, се отфрлала задолжителноста за распишување на референдум за Собранието на Република Македонија. Таквиот заклучок имал карактер на општ акт со задолжителна сила за поширок круг граѓани и надлежноста на Уставниот суд не се исцрпувала само со член 110 од Уставот, да ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на колективните договори и другите прописи, туку се надополнувала и со член 112 став 2 од Уставот, според кој Уставниот суд укинувал или поништувал и општи акти, односно ја оценувал нивната уставност и законитост.
Според иницијаторите, Собранието, согласно член 73 став 1 од Уставот, одлучувало за распишување референдум за одделни прашања од својата надлежност, а како едно од прашањата, што несомнено било во надлежност на Собранието, претставувала процедурата за неговото самораспуштање предвидена во член 63 став 6 од Уставот. Со оглед на фактот дека било практично неверојатно една партија со апсолутно (па дури и двотретинско) мнозинство во Собранието да реши за своето самораспуштање, во Уставот била предвидена можноста, меѓу другото, ова да го побара граѓанинот, односно 150.000 граѓани. Граѓаните, можеле на најразличен начин да го изразат ова барање за самораспуштање на Собранието, а еден од начините бил токму патот што го избрале преку поднесување на 150.000 индивидуални предлози за распишување референдум за предвремени избори за пратеници во Собранието, преку утврденото референдумско прашање. Фактот што за 4 дена биле собрани значително поголем број потписи од уставно предвидениот, не можел да биде негиран ни од Собранието.
Иницијаторите укажуваат дека според член 68 став 1 алинеја 10 од Уставот, Собранието распишува референдум, а според алинеја 19 од овој член на Уставот дека Собранието врши други работи утврдени со Уставот. Предвиденото самораспуштање на Собранието од член 63 став 6 од Уставот и распишувањето на избори во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието предвидено во член 63 став 3 од Уставот, се токму тие прашања односно работи што можеле да се подведат под член 68 став 1 алинеја 19 од Уставот. Според тоа, тврдењето во оспорениот заклучок дека Собранието не било надлежно за распишување на предвремени избори, било груба повреда на Уставот.
Оспорениот заклучок не бил во согласност и со Законот за републички референдум бидејќи овој закон не пропишувал друг услов за распишување на референдум, освен неговата задолжителност кога ќе биле собрани 150.000 потписи и се однесувал на сите прашања кои со Уставот и закон не се забранети.
Понатаму, како причина за оспорување на Заклучокот, се наведува и тоа дека правото на граѓаните да бараат избирачите да се изјаснат за референдумското прашање произлегувало и од член 2 став 2 од Уставот, според кој тие власта ја остварувале и по пат на референдум, а доколку била донесена таква одлука, односно се усвоело прашањето поставено на референдумот, таквата одлука била задолжителна за Собранието и тоа било должно да го распушти Собранието и да распише предвремени избори за пратеници.
Како потврда на либералноста на Уставот на Република Македонија, во член 8 став 2 било утврдено дека во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забренто, што значело дека граѓаните имале право да бараат распишување на референдум со поставеното прашање на референдумот.
Поаѓајќи од уставната определба дека граѓаните ја вршат власта преку претставници и непосредно преку референдум и други облици на лично изјаснување, барањето за распишување на референдум, било вршење на власта непосредно од граѓаните и било несфатливо Уставот да се толкува така што, контролата над избраните претставници на народот, преку кои народот ја врши власта, тој ист народ да ја загубил, само врз основа на тоа што ги “избрал” и со тоа тие си го присвоиле правото да ја вршат власта колку што сметаат дека имаат право, како што Собранието тоа го претставувало во оспорениот заклучок.
4. Судот на седницата, по претходно одржана подготвителна седница на 26 септември 1996 година и консултативен разговор на 5 ноември 1996 година, утврди дека според точка 1 од оспорениот заклучок Собранието оценува дека нема уставен основ за донесување одлука за распишување референдум за предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија. Според ставот 2 од оваа точка на Заклучокот, Собранието оценува дека референдумот на предлот на 150.000 избирачи согласно член 73 став 3 од Уставот на Република Македонија се распишува само за прашања од надлежност на Собранието, а не и за спроведување на предвремени избори за пратеници на Собранието на Република Македонија.
Според точка 2, се определува Заклучокот да се достави до Координациониот одбор на иницијаторите за распишување референдум за предвремени избори за пратеници на Собранитео на Република Македонија.
5. Според член 51 став 1 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот, а според став 2 од овој член на Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Според член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Во согласност со член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.
Според член 112 став 2 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи колективен договор, друг пропис или општ акт, статут, програма на политичка партија или здружение ако утврди дека не се во согласност со Уставот или закон, а според став 3 од овој член на Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Во номенклатурата на актите што ги донесува Собранието во вршењето на работите од својата надлежност, според член 68 став 2 од Уставот, се и заклучоците, чија природа концизно не е определена. Со одредбите, пак, на Деловникот на Собранието што се во примена, заклучоците не се третираат како општи акти на Собранието (член 275), а се донесуваат за својата работа и за работата на работните тела и стручната служба, со нив се утврдуваат обврски во однос на подготвувањето на закон или други општи акти или во однос на вршењето на други работи од делокруг на Собранието и се утврдува состојбата и заземаат ставови и гледишта во врска со прашањата што се претресуваат (член 283 од овој Деловник). Според тоа, заклучоците се третираат како акти на работење на Собранието, а не прописи или општи акти со кои нормативно се уредуваат односите.
Тргнувајќи од наведените одредби за карактерот на прописот и конкретно утврдената надлежност на Уставниот суд да одлучува за неговата согласност со Уставот и законите, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот заклучок, според мислењето на Судот, со него не се уредуваат односи во врска со распишувањето на референдумот и иницијативата за распишување на референдум, односно со него не се пропишува начинот и условите и прашањето за одржување на референдум кои би важеле за во иднина. Имено, оспорениот акт не уредува односи кои би се однесувале на неопределен број субјекти и норми кои би се однесувале на идни случаи, туку со него се решава за конкретно барање на поименично утврдени подносители кое барање Собранието не го прифатило бидејќи оценило дека нема уставен основ за донесување на одлука за распишување на референдум за предвремени избори.
Според тоа, Судот смета дека оспорениот заклучок не уредува односи за да тој има карактер на општ акт, туку дека тој е акт на работење на Собранието со кој се одлучува за конкретно прашање, дека не претставува пропис за извршување на закон и дека изразува содржина што се темели на политичка волја во моментот на неговото донесување, дека ги нема општите карактеристики на еден пропис, поради што тој не претставува пропис за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост.
Според мислењето на Судот, за да може еден правен акт да се смета за пропис нужно е на општ начин да уредува односи, односно нормите што тој ги содржи да се однесуваат на неопределен број правни субјекти и нивната примена да се однесува на сите правни случаи што ќе се појават во иднина во рамките на соодветните општествени односи.
6. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот заклучок не претставува пропис што подлежи на уставно-судска оценка, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.150/96)