208/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Пробиштип, за 1996 година, донесена од Собранието на Општина Пробиштип на 27 декември 1995 година (“Службен гласник на Општина Пробиштип” бр.5/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Пробиштип, за 1995 година, донесена од Собранието на Општина Пробиштип на 14 февруари 1995 година (“Службен гласник на Општина Пробиштип” бр.1/95).

3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Надица Марковска и други граѓани од Пробиштип за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што Собранието на Општина Пробиштип не било надлежно за нивното донесување што не било во согласност со член 51 и 56 од Уставот на Република Македонија. Со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) бил укинат членот 48 од Законот за градежното земјиште и располагањето со градежното земјиште било ставено во надлежност на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина и тоа било надлежно да ја утврдува цената за користење на градежното земјиште. Понатаму, според наводите во иницијативата, Општината Пробиштип немало изготвено инвестициона програма, ниту пак биле извршени инвестициони вложувања, па според тоа не постоел основ за утврдување паричен надомест за користење на градежното земјиште.

4. На седницата Судот утврди дека со донесување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Пробиштип за 1996 година и нејзиното објавување во Службениот гласник престнала да важи Програмата за 1995 година.

Исто така, Судот утврди дека со оспорените програми не се уредуваат прашања од употребата-користењето на градежното земјиште.

5. Со член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 од овојчлен со кој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 56 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а со ставот 3 од овој член е предвидено дека со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Со член 39 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 37/80, 18/89 и 21/91), е предвидено дека уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма, а според ставот 2 од овој член, програмата ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот во делот на неговата надлежност.

Според член 40 од овој закон програмата за уредување на градежното земјиште особено ги содржи следниве елементи: подрачјето со поблиско уредување на земјиштето што се уредува; обемот на уредувањето и степенот на опремувањето со комунални објекти и инсталации; пресметка на трошоците за уредувањето, начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување и динамиката на извршување на програмата.

Во член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) е предвидено дека со овој закон, меѓу другото, се уредува доделувањето на градежното земјиште.

Со членовите 28, 29 и 30 од овој закон е уредено начинот и постапката за доделувањето на градежното земјиште.

Според член 58 од Законот, меѓу другото, престануваат да важат членовите 14, 36, 37 и 37-а од Законот за градежното земјиште.

Според член 17 точка 3 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), единиците на локалната самоуправа самостојно донесуваат програма за уредување на градежно земјиште, а според точката 4 од овој член, ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон.

Од наведените законски одредби произлегува дека работите на уредувањето и употребата на градежното земјиште се во надлежност на општините. Во таа смисла со наведените законски одредби е предвидено дека и програмите за уредување на градежното земјиште ги донесуваат општините.

Според тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената програма со членовите 51 и 56 од Уставот од аспект на надлежноста на Собранието на Општина Пробиштип да донесува програма за уредување на градежното земјиште.

Дали, пак, висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште е соодветна на степенот на опременоста на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации, Судот смета дека тоа е фактичко прашање за кое Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.

Во поглед на наводот на иницијативата дека членот 48 од Законот за градежното земјиште со стапување во сила на Законот за просторното и урбанистичкото планирање престанал да важи Судот утврди дека оваа одредба не престанала да важи со овој закон. Од друга страна, членот 48 од Законот за градежното земјиште ги утврдил елементите за определување висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште (погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот- положбата на земјиштето во населбата или населеното место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалност на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште) што не е предмет на програмите за уредување на градежното земјиште туку на одлука со која се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот, што исто така ја донесува општината.

6. Со член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Програмата за уредување градежно земјиште на подрачјето на Општина Пробиштип за 1995 година престанала да важи Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на нејзината уставност и законитост.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.208/96)